Преку процесот на планирање, организацијата настојува да биде креатор на својата иднина. Во планирањето и развојот на севкупниот воспитно-образовен процес треба да бидат вклучени сите субјекти од интерната и екстерната средина на училиштето (учениците, родителите, наставниците, локалната самоуправа, невладините организации, државата) со цел да се постигнат врвни резултати и истовремено да бидат задоволени потребите на претходно споменатите субјекти.
Училиштето кое се стреми да биде пример со својата воспитна-образовна дејност, постојано треба да се преиспитува колку е доследно во остварувањето на својата визија и колку се доследни и функционални промените кои ги воведува и применува за воспоставување квалитетен воспитно-образовен систем.
Во овој целокупен процес најголемо значење има залагањето на наставниците. Под залагање се подразбира стручни (професионални) умствени и физички активности, вложени напори и сили, што ги планира и реализира наставникот, како и неговото севкупно однесување како личност и стручњак, со кои тој настојува да ги извршува сите обврски што произлегуваат од работното место. Залагањето на наставникот е насочено првенствено кон осмислување и насочување на наставните и другите активности на секој ученик, со цел да му се обезбеди успешно учење во согласност со своите можности.[1]
Взаемни врски на чинителите на самоевалуацијата
Самоевалуацијата која произлегува од законските рамки на воспитно-образовниот процес, се базира на потребата од учество на сите активни чинители на образовниот процес во вреднувањето на состојбите во училиштето и изготвувањето стратегија за надминување на слабостите со кои се среќава училиштето по патот за подготвување на учениците во личности кои со своето стекнато воспитание и образование подготвено ќе излезат и ќе се справат со сите предизвици и новини кои ги носи 21-от век, односно новото време на живеење.
Целта на самоевалвацијата којашто се спроведува на ниво на училиште и во која учествуваат сите релевантни субјекти, е да се воспостави систем за перманентно следење и оценување, со што ќе се подобри квалитетот во наставата и во работата на училиштето во целина. Добиените резултати и сознанија од процесот на самоевалвација, имаат двојна намена. Како прво, тие треба да се достават до надлежните институции и тела (Училиштен одбор, Совет на родители, Министерство за образование и наука, Биро за развој на образованието, Државен просветен инспекторат, Секторот за образование при општината каде функционира училиштето…), а од друга страна се добра основа за преземање конкретни активности при изготвување на Годишната програма за работа на училиштето за наредниот период.[2]
Оттука, на самоевалуацијата треба да се гледа како на средство преку кое училиштето развива стратегија за континуиран развој преку непосредно вклучување на учениците, наставниците и родителите во текот на целиот процес, од идентификувањето на актуелната состојба, па сè до изготвувањето на плановите за подобрување на актуелната состојба.
Методолошката основа за самоевалуацијата на училиштето е сочинета од комбинација помеѓу квантитативно-квалитативните техники и истражувачки постапки: интервјуирање, тестирање, анкетирање, скалирање, набљудување. При самоевалуацијата од инструментите можат да се користат: тестови на знаење, скали на проценка, прашалници, потсетник за водење интервју, протоколи за набљудување итн. Планот за самоевалуација треба да се реализира прецизно по клучни точки:[3]
- критериуми за успех;
- инструменти за евалвација;
- динамика;
- носители на активностите.
Според наодите од интегралната евалуација во однос на извршените самоевалуации во училиштата е констатирано дека самоевалуацијата е клучен сегмент од процесот на постојано следење, вреднување и подобрување на квалитетот на воспитно-образовниот процес. Таа е основа за планирање соодветни активности за подобрување и совршен начин да се известат засегнатите страни за стандардите и квалитетот што го постигнува училиштето. Самоевалуацијата е партиципативен процес што им овозможува на училиштата да се осврнат на своето досегашно работење и да погледнат кон иднината. Таа во себе вклучува промена и подобрување, постапно или трансформациско, и се заснова врз професионален осврт на квалитетот на работата на училиштето, предизвик за негово подобрување и поддршка за остварување на зацртаните цели за развој.[4]
Подрачја на самоевалуација[5]
Самоевалуацијата се одвива во однапред предвидени програмски подрачја од воспитно-образовниот процес, и тоа:
- Наставни планови и програми
- Постигнувања на учениците
- Учење и настава
- Поддршка на учениците
- Етос-училишна клима
- Ресурси
- Раководење, креирање политика
Во евалуацијата на сите подрачја треба да одговорите на што е можно поголем број од главните прашања.
Може да се додадат и одговори на други прашања за кои се сметате дека се важни за училиштето а не се опфатени во рамката за самоевалуација.
Треба да се направи обид да се вклучат сите клучни фактори во училиштето и во локалната заедница и каде е потребно да се внимава на родовите односи кои може да влијаат на квалитетот на учење и настава во училиштето.
Во предвид не треба да се земаат само пишани документи. Треба да се обезбедеат и собрани податоци кои вклучуваат колку што е можно повеќе: пишани коментари, набљудувања и визуелни докази[6].
Ј.Б.
(Извадок од магистерскиот труд на авторот)
Користена литература
[1] Министерство за образование и физичка култура, „Критериуми за оценување на работата на учителот, наставникмот, стручниот соработник, и воспитувачот во основното училиште и на наставникот и стручниот соработник во јавното средно училиште“ , Скопје. 1997.
[2] Петковски Н. Константин и Трајковска Ирена, „Прирачник за развојно планирање на училиштето“, Битола. Херакли-Комерц, 2004.
[3] Петковски Н. Константин и Трајковска Ирена, „Прирачник за развојно планирање на училиштето“, Битола. Херакли-Комерц, 2004.
[4]Министерство за образование и наука, „Квалитетот на воспитно-образовниот процес во основните и во средните училишта во Република Македонија“, Скопје, Програма на УСАИД за човеков и институционален развој, 2011.
[5] Министерство за образование и наука, „Прирачник – грантови за развој на училиштата“, Скопје, Centre for British Teachers и Проект за модернизација на образованието, 2006.
[6] Петроска Бешка – Виолета, „Самоевалуација по мерка на детето“, Скопје, Биро за развој на образованието, 2011.
Ova ne e li po stariot pravilnik?! Po novo ima ushte 2 podrachja – profesionalen razvoj i odnosi so javnosta. Ima nov pravilnik od 2014 mislam … Ve molam objasnete .,.
Odnapred blagodaram
LikeLike