Teachers - Наставници

ПЛАНИРАЊЕ УСПЕШЕН НАСТАВЕН ПРОЦЕС

Планирањето како поим претставува креативен процес кој секој наставник задолжително треба да го применува, од причина што на наставникот му дава можност систематски да ги планира целите и исходите во однос на работата со учениците. Планирањето претставува редоследена постапка во однос на создавање услови за ефикасно поучување на учениците. Планирањата не треба да бидат изготвени само формално (во хартиена или електронска форма), тие треба реално да се изготвуваат и реализираат. Истите постојано треба да се обновуваат и прилагодуваат согласно потребите на учениците. Добро изготвеното планирање на наставникот му помага полесно да се фокусира и организира, а на учениците истото ќе им помогне повеќе да научат и побргу и полесно да ги постигнат зацртаните цели. Наставникот кој редовно ја планира наставата полесно може да се справи со целокупниот наставен процес кој често продуцира и непредвидени ситуации при реализацијата на наставните часови. При планирањето наставникот задолжително треба да врши интеграција помеѓу наставната програма за соодветниот предмет и претходните знаења на учениците, карактеристиките на учениците, нивните можности и интереси. Планирањата на наставниците треба да содржат индивидуални и развојни карактеристики на учениците, различни стилови и способности на учење, тие треба да бидат флексибилни со цел лесно да се приспособат на потребите на учениците. При планирањето на наставата наставникот може да побара и мислење од учениците и нивните родители со цел во истото да ги вметне нивните потреби, а при планирањето на наставата на наставникот може да му сугерира и помага и училишната стручна служба, како и стручни советници по соодветниот предмет од Бирото за развој на образованието. Оваа потреба е неопходна со цел да се добие еден синхронизиран наставен процес. Планирањето на наставата претставува еден цикличен процес кој неопходно бара рефлексија како и надворешна и внатрешна евалуација. Со сигурност може да се каже дека планирањето на наставата претставува еден комплексена активност затоа што во себе ги опфаќа сите аспекти на наставниот процес. Од тие причини во оваа прилика сакам да сугерирам дека е добро на планирањето на наставата да се пристапи на ниво на актив. Ова го сугерирам од причина што на тој начин наставниците меѓусебно ќе може да споделат и разменат различни видувања, размислувања и искуства, а преку заедничките активности тие ќе дојдат до изнаоѓање на најприфатливи и најсоодветни решенија кои ќе можат да ги применат во практичната настава на нивниот час.

Pretty teacher talking to the young pupils in classroom at the elementary school

Планирањето на наставата подразбира изготување на годишно, тематско и дневно планирање. За првите две ќе кажеме само по неколку збора, а на дневното планирање ќе посветиме повеќе внимание. Годишното планирање се однесува за целиот наставен предмет, односно целата наставна програма. Во него се дадени темите за наставниот предмет кои требаат да се реализираат во текот на учебната година со однапред дефинирана временска рамка за реализација и потребни часови за реализација за секоја наставна тема. Годишното планирање треба да биде изговено на почетокот на учебната година, но не подоцна од месец септември. Тематското планирање се однесува на темите од годишното планирање. За секоја тема наставникот изготвува тематско планирање. Во одредени училишта стручните служби тематските планирања бараат целосно да бидат изготвени на почетокот на учебната година. Ова не е прифатливо од причина што во текот на учебната година може да се случат различни непредвидени отстапки и поместувања што директно влијаат на веќе изготвените тематски планирања и ги прават истите да не се целосно функционални. Од тие причини при моите посети на училиштата сугерирам тематските планирања наставниците да ги изготвуваат етапно, што подразбира тема по тема и така изготвени да се предаваат во стручната училишна служба, но истите да бидат предадени најдоцна една недела пред реализација на наставната тема. Тематското планирање трба да ги содржи наставните содржини кои треба да се реализираат и целите кои се однесуваат на таа тема, потоа временска рамка на нивна реализација, кои наставни форми, методи и техники ќе се применат при нивното реализирање, корелацијата со други наставни предмети или пак теми/наставни подрачја од самиот предмет, начин на следење и вреднување на учениците и рефлексија во однос на темата. Дневното планирање за час е од голема помош за наставникот. Истото може да биде во хартиена или електронска форма. Ова планирање се изготвува за секој наставен час а содржи: назив на темата, назив на наставната содржина, име на наставниот предмет, име на наставникот кој го реализира, име на училиштето каде се реализира, датум кога се реализира, кој час е по ред согласно распоредот на часови, целите кои треба да се усвојат на часот, очекувани исходи, вид на часот (усвојување нови знаења, повторување, вежби итн.), место на реализација на часот, корелација со други часови или теми/програмски подрачја од истиот предмет, наставни методи, наставни техники, наставни форми, наставни средства кои се користат за реализација, разработка на часот (воведен, главен и завршен дел), средства, постапки и инструменти за следење и вреднување на постигањата на учениците и на крај евалуација на часот.

Sl-4

Наставниот час треба да претставува една дидактичка целина, на истиот вообичаено се реализира една наставна содржино што не мора да е и правило (една наставна содржина може да се реализира и на два, па дури и три наставни часа, тоа зависи од обемот и комплексноста на наставната содржина). При планирањето на реализацијата на наставните содржини треба да има последователност, од полесно кон потешко. Реализацијата на истите произлегува од тематскиот план, а тематскиот план од годишниот план, а сите заедно треба да произлегуваат од наставната програма за соодветниот предмет.

Целите за реализација произлегуваат од наставната програма, кои може понатаму да се раслојуваат согласно можностите и потребите на учениците. Секако, целите треба да бидат јасно дефинирани достижни и мерливи. Истите се формулираат согласно тоа што треба ученикот да научи, разбере, воочи, усвои, повтори, утврди итн. Целите се тесно поврзани со наставната содржина и согласно нив наставникот ги планира активностите, средствата, формите, методите и техниките кои ќе се користат на дадениот час.

Преку очекуваните исходи наставникот планира на крајот од часот кои поими и нови сознанија треба да ги усвојат учениците.

Во однос на видот на часот разликуваме: час за усвојување нови знаења, за вежбање, повторување и утврдување на наставниот материјал, за проверување и оценување итн. Во оваа прилика слободно може да се каже дека видот на часот не може секогаш со сигурност да се утврди од причина што на еден час може да се воочат различни пристапи и различни видови часови, но сепак часот ќе го дефинираме согласно етапата која преовладува на тој час.

Наставните методи се научно дефинирани правци кои служат за учење и поучување на учениците. Најчесто користени наставни методи се: дијалог (разговор), усно излагање, текстуално-графички метод (работа со текст, пишување текст, цртање, графичко претставување), пишан метод (изготвување пишан труд), илустративен метод, демонстративен метод, метод на практична работа, лабараториско-експериментален метод, истражувачки метод. Наставникот треба внимателно да го избира методот кој ќе го користи што подразбира истиот да биде во согласност со целите и наставната содржина, можностите на учениците, опременоста на училиштето и да внимава да не применува повеќе методи на еден час со цел да не се создаде конфузија и неповрзаност.

Sl-2

Наставните техники помагаат при пренесувањето на знаењата од наставникот на учениците. Преку нивното користење учениците полесно учат и во целата училница има поголема интерактивност. Тие помагаат во осовременувањето на наставата ја зголемуваат мотивираноста и креативноста при работата на учениците. Денес постојат голем број наставни техники и се измислуваат нови, а истите се во функција на активирање на ученикот во наставниот процес. При изборот на наставните техники треба да се внимава, а тоа подразбира истите да се во согласност и во функција на остварување на планираните цели. Исто така треба да се знае дека секоја наставна техника не е соодветна за секоја возраст на учениците. Постојат техники кои се користат повеќе во одделенска отколку во предметна настава, и обратно.

Наставните форми претставуваат облик на работа, односно начин на групирање на учениците. Во училница со учениците се работи индивидуално (самостојно), во парови, во групи или со целата паралелка. Согласно ова наставните форми на работа се делат на: индивидуална работа, работа во парови, работа во групи (тимско работење) и работа со целото одделение, односно фронтален начин на работа.

Наставните средства за работа претставуваат средства со чија помош се реализираат целите во наставата. Како најпознато наставно средство е учебникот, но треба да се знае дека учебникот е само едно од многуте наставни средствка кои се користат во наставата. Од мојата образован пракса слободно можам да кажам дека одреден број наставници во својата работа прават грешки што на учебникот му придаваат преголемо значење и го ставаат на прво место, дури и пред наставната програма за соодветниот предмет. Од тие причини секоја прилика во разговор со наставниците (посебно почетниците) ја користам да им укажам дека “не се реализира учебник, туку се реализира наставна програма, а учебникот е само едно од многуте наставни средства“. Други наставни средства се: енциклопедии, шеми, карти, цртежи, фотографии, слики, разни предмети, алати, машини, инструменти, разновиден прибор, радио, телевизија, компјутер, проектор, интернет, разни компјутерски апликации итн.

Sl-6

Најчесто место каде се реализира наставата е училницата. Но при изборот на местото каде ќе се реализира наставниот час треба да влијае содржината на наставната единица. Покрај класичниот вид на училница, наставата може да се реализира и во: кабинет, библиотека, спортска сала, театар, музеј, зоолошка градина, конференциска сала, во природа на отворено итн.

Корелацијата може да биде меѓупредметна, а тоа значи кога има поклопување на наставниот материјал. Ова е многу корисно за учениците затоа што различните сознанија ги поврзуваат во една функционална целина. Ова треба да им се потенцира на учениците со цел да разберат дека одредени поими и настани меѓусебно се поврзани, а на тој начин учениците полесно ќе можат да ги поврзат и усвојат. Корелацијата може да биде и во самиот предмет. На пример на часот по мајчин јазик кога се обработува одреден литературен текст, во истиот може да се одвојот и именките и да се направи поделба на истите.

Секој наставен час согласно неговата природа и цели треба да е поделен во воведен дел кој обично трае 5-10 минути, главен дел кој трае 25-30 минути и завршен дел кој трае 5-10 минути. Воведниот дел претставува фаза од часот кога на учениците им се претставува темата, проблемите кои треба да се разработат на часот и дијагностички се утврдува колку учениците имаат сознанија во однос на наставната содржина која треба да се реализира на часот. Во овој дел наставникот вообичаено го истакнува насловот на наставната содржина, целите кои треба да се усвојат на тој час, очекувањата од учениците итн. Во главниот/оперативниот дел од часот конкретно се обработува наставната содржина, поимите, правилата, законитостите, случувањата поврзани со неа. За реализација на наставната содржина се користат различни наставни техники, методи, облици и средства за работа (истите може да се користат во сите фази на часот) кои се најсоодветни за таа наставна содржина. Во завршниот дел од часот се утврдува колку на учениците наставната содржина им е јасна и им се задава домашна работа. На учениците им се посочуваат извори од каде треба да учат во однос на новопредадената наставна единица.

Sl-3

Наставникот покрај тоа што предава на часот постојано треба да го следи и вреднува и знаењето на учениците. За таа цел наставникот треба да изготвува инструменти за таа намена во кои ќе го бележи степенот на усвоеност на целите поврзани со наставните содржини.

На крај од дневното планирање треба да постои и дел за евалуација на наставниот час во кој треба да биде наведена анализа на самиот час во однос на тоа дали наставните форми, методи и техники биле соодветни во однос на наставната содржина, какво било однесувањето на учениците, дали учениците имале потешкотии или успешно ја разбрале наставната содржина. Евалуацијата на наставникот му помага во однос на тоа дали треба нешто да промени во неговото предавање и во кој правец да се насочи во однос на планирањето на наставниот процес.

Ј.Б:

Advertisements

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Change )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Change )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.