Teachers - Наставници

Местото на наставникот во општеството

За време на различни активности (семинари, работилници, обуки, културни манифестации, училишни натпревари) во дискусија со наставниците за проблемите и предизвиците поврзани со воспитно-образовната дејност и нивното место во општеството, често од нивна страна се истакнува дека во општественото живеење тие го немаат она место кое би требало да им припаѓа. Ваквата нивна констатација за општествена маргинализација недоделување на соодветно место во општествената хиерархија на живеење, срамежливо, но сепак станува предмет на интерес на општествени институции и научни работници од општествените струки кои се занимаваат со изтражување на воспитно-образовниот процес. Се бара причината, односно изворот на ваквата состојба. Голем број луѓе водени од целокупната општествена ситуација првично проблемот за општествена маргинализација на наставниците го лоцираат во несоодветните лични примања, како и немањето соодветни услови за реализација на воспитно-образовното процес. Ваквата искажана констатација за маргинализација на наставниците има логика, но не е и единствениот фактор за таквата состојба. Мора да се каже дека постојат и други  важни фактори кои битно влијаат во севкупната положба, во која денес се наоѓаат наставниците. Факторите кои допринеле за денешниот статус на наставниците условно може да се поделата на внатрешни и надворешни фактори.

Bildschirmfoto-2015-01-18-um-19.31.31

 Внатрешните фактори кои допринеле за денешната маргинализирана состојба на наставниците се однесуваат на поставеноста и функционирањето на воспитно-образовниот систем на самото училиште, функционирањето на останатите владини и јавни институции чија цел е образованието. За надминување на проблемите поврзани со функционирањето на образованието, гледано од внатрешна страна се носат разни стратешки документи и концепции преку кои треба да се подобри функционирањето на воспитно-образовниот процес. Надворешните фактори пак се поврзани со односот на образовниот систем, односно статусот како општествена гранка од една страна и останатите општествени гранки од друга страна и нивната меѓусебна корелација. Исто така не треба да се заборави и транзицискиот период, за кој веќе никој не е сигурен дали сè уште трае или не, каде земјата премина од еден во друг општествено-политички систем при што се случија големи поместувања во севкупниот воспитно-образовен систем, а кои негативно влијаеа на целокупното образование, сè уште се чувствуваат, иако на големо се работи на нивно надминување и градење на еден стабилен образовен систем.

            Од внатрешните фактори кои негативно влијаат врз доживувањето на сопствената професија е тоа што сè уште не е профункциониран кариерниот развој и напредување на наставниците во звања преку кој е планирано да се направи јасна дистинкција помеѓу наставниците каде поквалитетните и поуспешните наставници ќе имаат можност да се стекнат со звања наставник ментор и наставник советник.

            Како друг внатрешен фактор преку кој наставниците ќе почуствуваат подобрување на доживувањето за сопствената професија е изнаоѓањето соодветен начин преку кој наставниците ќе ги изнесат своите искуства, забелешки, видувања во однос на реализацијата на воспитно-образовниот процес. На тој начин ќе се добијат голем број информации непосредно од базата, од оние кои секојдневно го реализираат наставниот план и програма. Од добиените информации ќе се согледаат слабостите, односно оние страни кои треба да се подобрат, и оние страни кои добро функционираат. На тој начин добиените податоци и информации во голема мерка ќе им помогнат во креирањето на образовната политика на МОН (Министерство за образование и наука) и останатите релевантни институции кои функционираат во негов состав БРО (Биро за развој на образованието) ДИЦ (Државен испитен центар), ДПИ (Државен просветен инспекторат), ЦССО (Центар за средно стручно образование), ЦОВ (Центар за образование на возрасни), исто така добиените информации ќе бидат од голема корист и за наставничките факултети каде се одвива иницијалното образование на воспитно-образовниот кадар. Тие ќе бидат во можност да изготвуваат пофункционални планови и програми за образование на наставниците. За реализација на оваа замисла МОН треба да организира секоја година „Отворен ден за воспитно-образовниот кадар“ каде тие ќе имаат можност да ги изнесат своите идеи и предлози за подобар и пофункционален воспитно-образовен процес во Република Македонија.

lwtw-investinteachers

            Од професионалниот развој на наставникот реално гледано најголема корист имаат учениците. Несомнено е дека од страна на учениците и родителите наставниците имаат поддршка во нивниот професионален развој од причина што учениците како крајни корисници на образовните услуги од наставник кој континуирано е подлежен на професионално усовршување имаат голема корист и придобивки.

            Како значајни надворешни фактори кои имаат влијание наставниците да се чувствуваат маргинализирано во општеството е тоа што од бруто националниот доход за образованието во нашата земја се издвојува мал процент.

За разлика од нивните колеги (по факултетска диплома), кои не работат во воспитно-образовни институции, наставниците земаат помали лични примања од нивните колеги. Пример, наставник по хемија, и хемичар вработен во „Алкалоид“, земаат различни примања, а и едниот и другиот се со исто образование. Во оваа прилика треба да се каже и следното, и докторот вработен во државното јавно здравство зема помали примања од нивните колеги кои работат во приватните болници, но овие доктори од нивните пациенти се ценети и имаат голема почит, затоа што пациентите знаат дека докторите се тие кои спасуваат човечки животи. Можеби проблемот треба да се бара и во самите наставници, а тоа би значело и самите наставници да се изборат за својот општествен статус, односно наставниците треба да им дадат до знаење на сите луѓе, целиот човечки род,  дека тие се оние преку кои поминуваат за време на нивниот образовен период, дека тие се оние кои продуцираат премиери, претседатели, министри, директори, лекари, архитекти, професори итн. Од последново кажано може да се заклучи дека не е клучна само материјалната страна, односно личните примања на наставниците. Не треба да се занемари и фактот дека чувството на маргинализираност не доаѓа само од личниот доход, првенствено тоа чувство доаѓа од денешниот севкупен однос од општеството спрема наставниците.

Ј.Б.

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Change )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Change )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.