Teachers - Наставници

ПОТРЕБАТА ОД ПРОФЕСИОНАЛЕН РАЗВОЈ НА НАСТАВНИЦИТЕ

Многу одамна Аристотел рекол „Доколку грчкиот чевлар лошо си ја врши својата работа тоа и не е многу страшно затоа што како последица на тоа ќе биде што само грчкиот народ ќе носи лоши чевли, но доколку грчкиот учител лошо си ја врши својата работа тоа ќе значи дека грчкиот народ, нивната земја и сите кои живеат во неа ќе бидат лоши“. Оваа констатација на Аристотел оди во прилог на тоа дека наставничката професија во општеството има многу значајна улога, наставниците треба да бидат професионалци и континуирано треба професионално да се развиваат. За таа цел потребно е наставникот да поседува солидно општо образование, добро да го познава материјалот и проблемите поврзани со предметот кој го предава, а исто така треба да има и основно познавање од педагогија, психологија и методика на предметот кој го предава од причина што тие се од круцијално значење во реализацијата на успешен воспитно-образовен процес.

teachertraining-120128104008-phpapp02-thumbnail-3

Професионалниот развој претставува сложен процес кој подразбира постојано развивање на наставничките компетенции за да се создаде квалитетен воспитно-образовен процес, а со самото тоа од тој процес да произлезат генерации на ученици кои во понатамошниот живот и работење ќе бележат високо квалитетни постигнувања. Преку професионалниот развој на наставниците се овозможува еден континуиран целоживотен процес на наставникот за стекнување, проширување и продлабочување на неговите знаења како и стекнување вештини и способности за професионално извршување на работните задачи поврзани со наставните и воннаставните активности со учениците. Не треба да се заборави дека преку професионалниот развој наставникот се оспособува да соработува со неговите колеги, училишниот менаџмент, училишната стручна служба како и родителите на учениците и локалната заедница каде функционира училиштето во кое тој работи. Преку континуираниот професионален развој наставникот се оспособува спремен да ги дочека сите промени во сферата на образованието кои ги носи државниот, односно општествениот систем, а тоа значи успешно да се соочи и да ги примени сите новопродуцирани реформи поврзани со образованието.

teacher-training-1

Во однос на наставникот, првовремено се зборувало за негово образование, при што се мислело на неговото иницијално, односно факултетско образование. Подоцна се зборувало за обуки, при што се мислело обучување на наставникот за спроведување на одредена наставна програма. Денес се зборува за професионален развој на наставникот што подразбира негов формален развој, неформално развој и евалуација.

    • Формално искуство во кое спаѓаат: иницијалното образование, менторскиот процес, семинари, обуки, работилници, симпозиуми, тркалезни маси, наставни дебати и сл.
    • Неформално искуство кое се базира на стекнато знаење преку: следење на печатена стручна литература, следење на телевизиски емисии каде предмет на интерес е наставниот процес, домашни и светски интернет страници кои обработуваат прашања поврзани со воспитно-образовниот процес
    • Самоевалуација на сопственото професионално работење, насочено кон потребите за професионално и стручно усовршување.
ТРАДИЦИОНАЛНО РАЗБИРАЊЕ НА ПРОФЕСИОНАЛНИОТ РАЗВОЈ  СОВРЕМЕНО РАЗБИРАЊЕ НА ПРОФЕСИОНАЛНИОТ РАЗВОЈ
Професионалниот развој се базира на трансмисиски модел Професионалниот развој се базира на моделот – конструкција на знаењето
Се спроведува низ повремени активности Се базира на континуиран, долгорочен процес
Од време на време е присутна поддршка и следење на примената на стекнатото знаење Присутна е континуирана поддршка и следење на примената на стекнатото знаење
Професионалниот развој не е добро усогласен со секојдневните потреби на воспитно-образовната дејност Професионалниот развој е усогласен со секојдневните потреби на воспитно-образовната дејност
Професионалниот развој не е разбран како неопходен дел од образовните реформи Професионалниот развој е тесно поврзан со образовните реформи
Наставниците се пренесувачи на туѓи истражувања и теории Наставниците преку примена на рефлексијата се трудат да бидат добри практичари и истражувачи
Условите и средината во која се имплементираат знаењата, ретко се зема предвид Условите и средината во која ќе се имплементираат знаењата се зема секогаш предвид

Табела бр.1 Разлики помеѓу традиционалното и современото разбирање на професионалниот развој на наставниците[1]

Суштинскиот, професионален развој на наставникот се базира на континуиран процес кој систематски е планиран каде основната база е самото училиште, и другите воспитно-образовни владини и јавни институции заеднички насочени кон усовршување на работата на наставникот, посебно подобрување на успехот, односно ученичките постигнувања и промоција и подобрување на наставничката професија во општеството.

teacher-training-2-728

Следат десетте принципи за успешен професионален развој на наставниците поврзани со унапредување на училиштето во целина[2]:

  • На поединците тешко им е да напредуваат во статичните училишта.
  • Училиштата не може да се менуваат без промена на она што го работат наставниците.
  • Доколку наставниците напредуваат само индивидуално, тогаш не ќе бидат во можност да го променат своето училиште.
  • Се случува иако се менуваат училиштата на подобро да не се менуваат наставниците заедно со нив.
  • Организацијата која учи се состои од поединци кои напоредно со извршувањето на своите основни обврски, имаат можност да учат.
  • Професионалниот развој на наставникот е континуиран процес кој започнува со првиот, а се завршува со последниот ден од неговиот професионален работен век. Тоа претставува целоживотно учење.
  • Усвојување нови информации и успешно соочување со нови ситуации од важно значење е за учењето низ целиот живот.
  • Промените претставуваат процес, а не настан.
  • Секој поединец е носител на промени.
  • Теоријата на промени и теоријата на образование неопходна е една на друга.

Од друга страна се поставува прашањето што може наставникот како поединец да направи во однос на сопствениот професионален развој? Во однос на ова прашање може да се наведат неколку одговори:

  • Секој наставник добро е да изработува, креира индивидуален план за сопствен професионален развој.
  • Пренесување на знаења и искуства помеѓу самите наставници преку хоризонталниот начин на учење, стручни активи, наставнички и одделенски состаноци и сл.
  • Преку интерактивниот метод на настава по одредени предмети.
  • Реализација на отворени часови. Секој наставник барем двапати во учебната година да држи отворен час.
  • Различни состаноци во училиште, организирање наставни дебати, тркалезна маса, организирање работилници. На овие организациски форми треба да се разгледува примената на одредени методи, техники и стратегии, наставни материјали и ефектите кои се постигнуваат.
  • Размена на искуства помеѓу две училишта на различни организациони форми на работа.
  • Развивање на ИКТ вештините и помагање на колегите за совладување на овие вештини.
  • Водење документација за реализација на часовите, различни активности во текот на учебната година, забелешки во врска со реализација на воспитно-образовниот процес. Ваквиот рефлективен начин на делување е од голема помош за планирање на воспитно-образовната дејност за следната учебна година.

Општа е констатацијата, посебно кај научните работници кои се занимаваат со воспитно-образовната дејност на наставниците, дека професионалниот однос на наставниците е предуслов за успешното унапредување  на квалитетот на севкупниот воспитно-образовен процес и дека е од големо значање, посебно кај оние кои ги креираат воспитно-образовните политики, наставниците да бидат професионалци во извршувањето на работните задачи.

Кога зборуваме за развојот на наставникот, кога ќе се употреби изразот професионален развој на наставникот не се мисли на подготовка и образование на личноста за да се стане наставник, станува збор за сосема нов поглед на наставничката професија, на неговото работење, положба, професионален развој.

Првенствено во извршувањето на работните задачи на наставникот станувало збор за обука на наставниците за спроведување на Наставна програма. Може да се каже дека дека тоа било тренинг како наставникот да реализира наставни содржино од наставната програма по предметот кој го предава. Се сметало дека преку обуката на наставниците, која се сведувала на тренинг за реализација на наставните содржини од наставната програма, наставникот е доволно обучен за спроведување на одредени постапки кои се изведуваат во специфични ситуации.

Подоцна се утврдило дека овој вид на тренинг за успешно извршување на работните задачи не бил доволен. Истиот концепт за подготовка на наставникот за извршување на неговите работни задачи бил заменет со концептот образование на наставникот. Ваквиот пристап се покажал како поефикасен, од причина што на ваков начин се вршат по сеопфатни обуки на наставникот за извршување на своите обрски.

Денес сè повеќе станува збор за за професионален развој на наставниците. Професионалниот развој на наставниците не треба да се поистоветува со образованието на наставниците кое е карактеристично за нивното иницијално образование.

tt_pic_1

Во табелата што следи се претставени карактеристиките на двата модела, моделот на образование на наставниците и моделот на профеионален развој на наставниците.

Образование на наставниците

 

Професионален развој на наставниците
Овој модел се темели на трансмисија, пренесување на знаењето. Учењето се разбира како начин преку кој се акумулира знаењето, фактите, а наставникот е клучниот посредник во преносот на тоа селектирано знаење. Овој модел се темели на концептот, искористување на стекнатото знаење. Знаењето се стекнува на тој начин што, оној кој учи, преку сопствени активности го применува стекнатото знаење. Оттука наставникот се третира за важен партнер во процесот на стекнување на знаење преку педагошко-теоретска настава, но и како практичар кој го креира начинот на спроведување на сопствените работни задачи и практично работење, лице кое врз база на претходно стекнато знаење создава ново знаење и искуства и ги нуди на своите ученици.
Обуката на наставниците е еднократна, усовршувањето се базира врз посета на еднодневни/еднократни обуки, каде наставникот добива информации со нови содржини за одредени аспекти поврзани со неговото работење. Обично ваквите обуки не се директно врзани со наставничката работа и практика и училиштето и неговите секојдневни активности. Профеионалниот развој на наставниците базиран на разни обуки претставува долгорочен и перманентен процес. Првата фаза започнува со неговото иницијално, односно факултетско образование. Усовршувањето на наставникот треба да се разбере како континуиран процес без изразени прегради помеѓу иницијалното образование и континуираното образовно усовршување на наставникот. Наставничкото усовршување треба да се разбере како континуиран процес кој во себе ги вклучува искуставата кои наставникот ги стекнал за време на своето формално факултетско образование и знаењето стекнато надвор од формалното факултетско образование.
Образованието и обуката на наставниците се одвива надвор од нивната природна средина на работење, училиштето/училницата, и не се многу поврзани со актуелните активности и искуства на работењето на наставникот во училницата. Ефективниот професионален развој на наставниците треба да се одвива во нивната природна средина на работење училиштето/училницата. Истиот треба да биде поврзан со секојдневните активности на наставникот и ученикот. На него во голема мерка влијаат знаењата и искуствата кои ги има стекнато наставникот во врска со неговото професионално работење.
Оценувањето на работата на наставникот се извршува повремено, преку посети на директорот или инспектори од ДПИ. Работата на наставникот треба континуирано да се следи, каде ќе доминира посета, поддршка и помош на советниците од БРО, со давање на повратна информација за нивните активности и работа. На тој начин ќе се зголеми мобилноста на наставникот во севкупното негово работење.
Инспекциско оценување на работењето на наставниците. Примена на различни методи на евалуација на работењето на наставникот. Првенствено наставникот за своето работење треба да биде вреднуван и повратната информација да ја добие од стручно лице, советник од БРО по соодветниот предмет. Информацијата ќе се темели на истакнувањето на неговите слаби и силни страни во работењето, односно заедничко надминување на слабостите, а истакнување и споделување на силните страни со останатите колеги. Добро е да има и честа меѓусебна евалуација на работата на наставниците по соодветниот предмет, каде ќе се детектираат добрите и лошите страни од работењето и врз база на тие активности ќе се донесат соодветни мерки за поуспешно работење во иднина.
Наставата не кореспондира со реалноста, односно практичната работа и примена на наученото. Теоретската настава е тесно поврзана со практичната работа и реалниот живот, односно со реалните потреби каде реално може да се практикува и применува стекнатото знаење.
Министерството за образование и наука реформите ги носи без консултација со претставниците од базата, односно наставниците. Од нив само се бара да се запознаат со понудените реформи и истите да ги спроведат, односно да ги реализираат во воспитно-образовната дејност. Значаен дел од реформите се спроведуваат преку консултации со наставниците врз база на дотогашното функционирање на воспитно-образовната дејност. Клучна улога во спроведувањето на реформите има мислењето на наставниците поврзано со нивното секојдневно работење, односно ефектите од функционалноста на актуелната концепција врз која се базира воспитно-образовниот процес во државата.
Во спроведувањето на воспитно-образовната дејност наставникот пренесува туѓи истражувања и теоретски сознанија. Успехот на професионалното работење на наставникот се состои во спроведувањето на рефлексијата во однос на активностите кои тој ги спроведува. Сознанијата кои ги добива преку рефлексијата од своето работење му користат во унапредување на неговиот воспитно-образовниот процес преку нејзино менување, унапредување и прилагодување во однос на постоечките услови во кои тој работи.
На самиот наставник е оставено дали тој стручно ќе се усовршува, му се препорачува стручно да се усовршува, но ништо не го обврзува да го стори тоа. Доколку стручно се усовршува не се врши проверка колку стекнатото знаење го применува во воспитно-образовната дејност. Наставникот треба задолжително професионално да се усовршува. Неговото професионално усовршување е тесно поврзано со неговиот професионален развој. Наставникот е обврзан и не смее да го избегне професионалното усовршување, од причини што од него се очекува во воспитно-образовната дејност да внесува креативност и иновативност. Стекнатото знаење за време на професионалното усовршување се следи како го применува во воспитно-образовното работење.
Напредувањето на наставникот се состои во напуштање на неговото работно место наставник, и негова промоција во директор, помошник директор или пак некое друго работно место поврзано со браншата. Напредувањето се заснова во ненапуштање на неговото работно место, училницата. Тој напредува во својата бранша во звања. Наставник ментор, односно наставник советник. Истовремено неговото напредување, во зависност од неговото квалитетно работење, е пропратено со зголемување на неговите лични примања.
Во однос на работното време, наставникот истото го реализира во училница, плус времето потрошено за изготвување секојдневни планирања и наставни средства за реализација на часовите. Половина од работното време на наставникот е поврзано со реализација на наставата во училница, а другата половина се сведува на професионално усовршување, креирање иновативни методи и техники за реализација на воспитно-образовниот процес, запознавање со новините поврзани со неговата професија, размена на искуства со своите колеги, примање и давање менторска помош на колегите, зависно од материјата и потребите, реализација на проекти и сл.
Усовршувањето на наставниците е еднообразно, без да се води сметка врз реалните потреби на учениците на кои се предава. Професионалниот развој на наставниците не е еднообразен, тој се менува во однос на потребите на учениците. И се базира врз дотогашните постигнати резултати, новопројавениот интерес и потреби на учениците.
Образованието на наставниците го врши само една институција или пак истородни иституции. Пример, наставничките факултети. Професионалниот развој на наставниците покрај факултетите за наставници го вршат и други институции. На пример, Бирото за развој на образованието, Државниот испитен центар, Други институции (провајдери) чии интерес на делување е воспитно-образовната дејност, или работа со деца, владини експерти, независни експерти и др.
Работењето на наставникот се одвива одвоено, самостојно, без консултација дури и со колегите кои го предаваат истиот предмет. Наставникот самоиницијативно според пројавените потреби се консултира со останатите. Заедничкото, односно тимското работење на наставниците има многу предности во однос на индивидуалното работење. Професионалниот развој на наставниците има најголема ефикасност кога наставниците учат заедно споделувајќи ги меѓусебно своите искуства и предлози поврзани со професионалното работење. Наставничката работа не е нималку изолирана и во однос на соработката со училишниот менаџмент, училишната стручна служба, родителите и сл. Секако, наставничката професија има и простор кога е потребно наставникот да работи изолирано, самостојно.
Наставникот во голема мерка е изолиран во однос на настаните поврзани со локатната заедница. Наставникот се очекува да биде двигател во локалната заедница, во општественото живеење, од причина што тој преку учениците кои ги воспитува и образува е креатор на идното општествено живеење, како во локалната средина, така и во државата, односно на светско ниво.
Здружувањето на наставниците е организирано преку синдикатот, кој како главна и основна дејност има да се грижи за матријалната положба и личните примања на наставниците. Покрај здружувањето на наставниците во синдикат, потребно е тие да се здружуваат и во професионални наставнички организации чија цел ќе биде професионален развој на наставниците, организирање на најразлична професионална помош, грижа за наставникот, односно, неговата положба и статус во општеството.

Табела бр.2 Модел на образование на наставниците и модел на профеионален развој на наставниците

Професионалниот развој на наставникот треба да се базира на менување на севкупниот концепт поврзан со наставничката професија која почнува од базичното, односно факултетското образование, а продолжува со воведувањето на наставникот во неговата практична работа во воспитно-образовната институција, градење свест за неговата улога во воспитно-образовната дејност, преку неговата соработка со колегите, односно спрема учениците и секако нивните родители. Сето ова пак е поврзано со други аспекти од воспитно-образовното работење од каде произлегуваат други промени поврзани со: поинаков пристап во базичното односно факултетското образование на наставниците; потребите кои произлегуваат од професионалниот развој на наставниците да бидат поттик за поинаква концепција во факултетското образование на наставниците; изготвување

посебни критериуми за селекција на студенти на наставничките факултети, од причини што наставничката професија е одговорна работа; поинтензивна меѓусебна соработка на владините и невладините институции чии интерес е воспитно-образовниот процес во креирањето на политика за професионалниот развој на наставниците; поинаков пристап на наставниците во работењето со учениците; поинаков пристап во следењето и оценувањето на работата на наставниците; поинаков модел на промоција и материјално наградување на наставниците; поинакво структурирање на работното време на наставниците. Од кажаново произлегува дека квалитетното образование на учениците може да се постигне преку воведување на соодветен и функционален професионален развој на наставниците.

tes_institute_home_schools_0

            Се поставува прашањето зошто сето ова треба да се поттикнува, реализира и одржува? Одговорот би бил заради крајниот ефект, а тоа се благодетите кои треба да ги користат учениците од воспитно-образовниот процес. Имањето наставни стандарди за постигнувањата на учениците, а притоа да се нема стратегија  за континуиран професионален развој на наставниците, би било исто како на ученик од угостителско училиште да му се дадат сите состојки, но без рецепт, и да се побара од него да изготви роденденска торта за претседателот на државата. Значи едно училиште да има најсовремени лабаратории, кабинети, фискултурни сали и најдобри наставни средства, ако нема наставници кои континуирано подлежат на професионален развој, сите претходно наброени добра на училиштето би им биле безвредни. Сите спроведени истражувања каде се мери квалитетот на постигнувањата на учениците укажуваат дека позитивните постигнувања на учениците се тесно поврзани со високиот квалитет на наставниците. Тој квалитет на наставен кадар несомнено се создава кога наставниците подлежат на еден континуиран професионален развој.

[1] Craft, Anna (2000): Continuing professional development: a practical guide for teachers and schools, London and New York: Routledge/Falmer, стр. 47

[2] Villegas-Reimers, E. (2001): Jačanje obrazovanja nastavnika: nove strategije i dobra praksa, Harvard.

Ј.Б.

Advertisements

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Change )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Change )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.