Teachers - Наставници

САМОЕВАЛУАЦИЈАТА НА НАСТАВНИКОТ ВО ФУНКЦИЈА НА НЕГОВИОТ ПРОФЕСИОНАЛЕН РАЗВОЈ

Преку процесот на планирање, училиштето настојува да биде креатор на својата иднина. Во планирањето и развојот на севкупниот воспитно-образовен процес треба да бидат вклучени сите субјекти од интернта и екстерната средина на училиштето (учениците, родителите, наставниците, локалната самоуправа, невладините организации, државата) со цел да се постигнат врвни резултати и истовремено да бидат задоволени потребите на претходно споменатите субјекти.

Училиштето кое се стреми да биде пример со својата воспитна-образовна дејност, постојано треба да се преиспитува колку е доследно во остварувањето на својата визија и колку се доследни и функционални промените кои ги воведува и применува за воспоставување квалитетен воспитно-образовен систем.

Во овој целокупен процес најголемо значење има залагањето на наставниците. Под залагање се подразбира стручни (професионални) умствени и физички активности, вложени напори и сили, што ги планира и реализира наставникот, како и неговото севкупно однесување како личност и стручњак, со кои тој настојува да ги извршува сите обврски што произлегуваат од работното место. Залагањето на наставникот е насочено првенствено кон осмислување и насочување на наставните и другите активности на секој ученик, со цел да му се обезбеди успешно учење во согласност со своите можности.[1]

Самоевалуацијаа

Самоевалуацијата која произлегува од законските рамки на воспитно-образовниот процес, се базира на потребата од учество на сите активни чинители на образовниот процес во вреднувањето на состојбите во училиштето и изготвувањето стратегија за надминување на слабостите со кои се среќава училиштето по патот за подготвување на учениците во личности кои со своето стекнато воспитание и образование подготвено ќе излезат и ќе се справат со сите предизвици и новини кои ги носи 21-от век, односно новото време на живеење.

Целта на самоевалуацијата којашто се спроведува на ниво на училиште и во која учествуваат сите релевантни субјекти, е да се воспостави систем  за перманентно следење и оценување, со што ќе се подобри квалитетот во наставата и во работата на училиштето во целина, а со самото тоа ќе се подигне и нивото на професионален развој на самите наставници. Добиените резултати и сознанија од процесот на самоевалуација, имаат двојна намена. Како прво, тие треба да се достават до надлежните институции и тела (Училишен одбор, Совет на родители, Министерство за образование и наука, Биро за развој на образованието, Државен просветен инспекторат, Секторот за образование при општината каде функционира училиштето…), а од друга страна се добра основа за преземање конкретни активности при изготвување на Годишната програма за работа на училиштето за наредниот период.[2]

слика

Слика 1. Взаемни врски на чинителите на самоевалвацијата

Оттука, на самоевалуацијата треба да се гледа како на средство преку кое училиштето развива стратегија за континуиран развој преку непосредно вклучување на учениците, наставниците и родителите во текот на целиот процес, од идентификувањето на актуелната состојба, па сè до изготвувањето на плановите за подобрување на актуелната состојба.

Методолошката основа за самоевалуацијата на училиштето е сочинета од комбинација помеѓу квантитативно-квалитативните техники и истражувачки постапки: интервјуирање, тестирање, анкетирање, скалирање, набљудување. При самоевалуацијата од инструментите можат да се користат:  тестови на знаење, скали на проценка, прашалници, потсетник за водење интервју, протоколи за набљудување итн. Планот за самоевалуација треба да се реализира прецизно по клучни точки:[3]

  • критериуми за успех;
  • инструменти за евалуација;
  • динамика;
  • носители на активностите.

Според наодите од интегралната евалуација во однос на извршените самоевалуации во училиштата е констатирано дека самоевалуацијата е клучен сегмент од процесот на постојано следење, вреднување и подобрување на квалитетот на воспитно-образовниот процес. Таа е основа за планирање соодветни активности за подобрување и совршен начин да се известат засегнатите страни за стандардите и квалитетот што го постигнува училиштето. Самоевалуацијата е партиципативен процес што им овозможува на училиштата да се осврнат на своето досегашно работење и да погледнат кон иднината. Таа во себе вклучува промена и подобрување, постапно или трансформациско, и се заснова врз професионален осврт на квалитетот на работата на училиштето, предизвик за негово подобрување и поддршка за остварување на зацртаните цели за развој.[4]

Самоевалуација

Подрачја на самоевалуација[5]

Самоевалуацијата се одвива во однапред предвидени програмски подрачја од воспитно-образовниот процес, и тоа:

  • Наставни планови и програми
  • Постигнувања на учениците
  • Учење и настава
  • Поддршка на учениците
  • Етос-училишна клима
  • Ресурси
  • Раководење, креирање политика

            Во евалуацијата на сите подрачја треба да одговорите на што е можно поголем број прашања.

Може да се додадат и одговори на други прашања за кои се сметата дека се важни за училиштето а не се опфатени во рамката за самоевалуација.

Треба да се направи обид да се вклучат сите клучни фактори во училиштето и во локалната заедница и каде е потребно да се внимава на родовите односи кои може да влијаат на квалитетот на учење и настава во училиштето.

Предвид не треба да се земаат само пишани документи. Треба да се обезбедеат и собрани податоци кои вклучуваат колку што е можно повеќе: пишани коментари, набљудувања и визуелни докази[6].

[1] Министерство за образование и физичка култура, „Критериуми за оценување на работата на учителот, наставникмот, стручниот соработник, и воспитувачот во основното училиште и на наставникот и стручниот соработник во јавното средно училиште“ , Скопје. 1997. стр.20

[2] Петковски Н. Константин и Трајковска Ирена, „Прирачник за развојно планирање на училиштето“, Битола. Херакли-Комерц, 2004. стр.31

[3] Петковски Н. Константин и Трајковска Ирена, „Прирачник за развојно планирање на училиштето“, Битола. Херакли-Комерц, 2004. стр. 112

    [4] Министерство за образование и наука, „Квалитетот на воспитно-образовниот процес во основните и во средните училишта во  Република Македонија“, Скопје, Програма на УСАИД за човеков и институционален развој, 2011. стр.18

[5] Министерство за образование и наука, „Прирачник- грантови за развој на училиштата“, Скопје, Centre for British Teachers и Проект за модернизација на образованието, 2006.

[6] Петроска Бешка – Виолета,  „Самоевалвација по мерка на детето“,Скопје, Биро за развој на образованието, 2011.

Ј.Б.

 

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Change )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Change )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.