Teachers - Наставници

РЕЗУЛТАТИ КОИ ТРЕБА ДА ПРОИЗЛЕЗАТ ОД ПРОФЕСИОНАЛНИОТ РАЗВОЈ НА НАСТАВНИЦИТЕ

Како резултат од професионалниот развој на наставниците треба да се бележи збогатување на нивните знаења и вештини и нивна успешна имплементација во воспитно-образовното работење, а крајниот продукт ќе бидат успешни ученици кои успешно ќе се вклучат во општествениот живот. Преку професионалниот развој на наставниците, кај нив ќе дојде до зголемување на теоретските знаења, разбирање и успешна имплементација на новите методи и стратегии за работа преку практична примена во наставата, како и меѓусебно следење и споделување на функционалноста на новите знаења помеѓу колегите. За да можат наставниците успешно да ги совладаат сите предизвици поврзани со нивниот професионален развој, треба да истакнат висок степен на: разбирање на значењето на обуката, упорност, значењето на теоретското и практичното знаење, соработка и поддршка со колегите. Доколку кон професионалниот развој се има сериозен пристап, покрај тоа што наставниците ќе се стекнат со нови знаења, кај нив ќе се зголеми колегијалноста, соработката и подготвеноста за воведување иновативни методи во воспитно-образовниот процес.

            Несомнено е дека преку професионалниот развој наставниците ќе стекнат нови знаења кои ќе им послужат во нивното секојдневно практично работење. Успешниот професионален развој на наставниците подразбира и јасно идентификување на целите кои се предвидени со обуките и други компоненти од типот: совладување на теоријата, избор на модел, примена во пракса, следење. Од професионалниот развој, кај наставниците треба да се идентификува желба за стекнување нови знаења, промена на стовите кон позитивно однесување и разбирање на сопственото однесување, улогата како наставник, наставниот курикулум.

20-2

            Од голема важност е и улогата на оние кои ќе го спроведуваат професионалниот развој на наставниците. Тие добро треба да ги определат целите, затоа што некои полесно се постигнуваат, а пак за други е потребно повеќе време, трпение и умешност за да се постигнат. Од тие причини обучувачите, односно оние кои ќе имаат за задача да вршат професионално усовршување на наставниците треба добро да го испланираат интензитетот и потребното време за обука и согласно тоа, да ги избрат соодветните методи и активности за успешно спроведување на активностите поврзани со професионалниот развој на наставниците.

            Професионалниот развој на наставниците е поврзан со повеќе аспекти од нивното работење. Првенствено обуката на наставниците подразбира нивно стекнување на нови знаења преку проучување на теоријата и образложување како да се применат, преку кои активности, новите методи и стратегии. Пред да се применат новите знаења, најдобро е тоа првенствено да се испроба на одреден модел, на пример, модел одделение или модел паралелка од училиштето, а сè со цел да се види како тоа би функционирало. Потоа треба да се примени новото знаење, како тоа вистински ќе функционира во редовниот воспитно-образовен процес. Вистинската примена на тоа знаење ќе дојде подоцна после повеќе неделна практика. По ова, следуваат консултаци со колегите и советници од БРО, како се имплементира новото знаење, кои се ефектите од истото, дали тоа успешно функционира и на кој начин наставниците меѓусебно и со другите институции да соработуваат понатаму за одржливост на стекнатото знаење и вештини од обуките кои се во состав на професионалниот развој на наставниот кадар.

            За успешен професионален развој на наставниците во едно училиште има и училишниот менаџмент. Доколку тој ги разбира и поддржува потребите за континуиран професионален развој на наставниците и во училиштето создава добра клима за работа, училиштето несомнено ќе постигнува позитивни резултати од кои најголем бенефит ќе има самото училиште и сите чинители вклучени во тој училишен живот (ученици, наставници, родители).

            За успешен професионален развој, наставниците треба да подлежат на обуки каде како обучувачи ќе бидат лица кои имаат одлично познавање на воспитно-образовното работење. Тие пред да отпочнат со спроведувањето на обуката првенствено мора да знаат кои ќе бидат наставниците кои ќе подлежат на обуката. Дали во училиштето има воспоставено начин на следење на резултатите од спроведувањето на стекнатите знаења во пракса, или следењето на примената треба да се планира во склоп на програмата која ја опфаќа обуката. Дали наставниците кои подлежат на обуката имаат одредени предзнаења во врска со истата, односно, дали преку неа ќе се врши усовршување и надоградување на одредени постоечки знаења, или пак преку обуката наставниците ќе се стекнат со целосно нови знаења.

            Професионалниот развој на наставниот кадар суштински е насочен кон стекнување на нови знаења на наставниците кои подоцна ќе ги применат во училница. За таа цел, наставниците кои сакаат да се усовршуваат и да напредуваат во своето работење треба да бидат упорни, а тоа подразбира, колку и да им е тешко при првичното запознавање со новитетите поврзани со воспитно-образовната работа, не смеат да се откажат, треба да бидат упорни во совладувањето на нештата. При подучувањето на учениците со примена на новонаучени техники и методи кај одредени ученици може да доведе до извесни промени кои можат негативно да влијаат во нивното учење. За таа цел наставникот при воведувањето на овие нови техники и методи треба да внесува подучување од когнитивната и социјалната област. Во воспитно-образовното работење, поголем успех постигнуваат оние наставници кои теоретски се добро потковани. Од тие причини од големо значење е наставниците континуирано теоретски да се надоградуваат. Наставниците кои соработуваат со своите колеги, заеднички работат во решавањето на одредени проблеми, заеднички изработуваат наставни нагледни средства, меѓусебно се посетуваат на часови, разменуваат идеи и методи на работа, постигнуваат позабележителни успеси во практичното работење, за разлика од оние наставници кои не го применуваат претходно кажаното.

20

            Кај нас треба да добие повеќе на интензитет меѓусебното посетување на наставниците на часовите при реализација на одредени наставни содржини, посебно меѓусебна посета на наставниците кога се применуваат новостекнати знаења од обуки. Ова произлегува од таму што наставникот кога има посета на час од свој колега ќе има многу поголем ангажман во примената на новостекнатите техники и методи отколку оној кој не подлежи на таква посета. Наставникот кој е посетен многу повеќе ќе се труди преку научените техники и методи да ги постигне предвидените цели за тој наставен час отколку оној кој исто следел обука, но не е посетен од свој колега. На овој начин наставниците кои се посетуваат меѓусебно ги усовршуваат стекнатите знаења и вештини, за разлика од наставниците кои не се посетуваат на часовите со своите колеги. Наставниците кои го применуваат начинот на меѓусебни посети се подготвени на учениците да им ги објаснат новите методи и техники со цел тие полесно нив да ги разберат и да знаат што ќе се очекува од нив. Преку меѓусебното надгледување и консултирање, тие дури и ги подобруваат и ги прават пофункционални и попрактични новите методи и техники, односно новостекнатите знаења и вештини и на тој начин стануваат поуспешни во својата работа, за разлика од оние наставници кои не го применуваат ваквиот начин на работа. Сепак треба да се истакне дека меѓусебната посета на часовите која ја практикуваат наставниците не подразбира меѓусебно оценување и вреднување. Ваквиот начин на работа, со меѓусебни посети на часовите, треба да се разбере како давање меѓусебна поддршка и усовршување на новостекнатите знаења и вештини и нивна успешна имплементација во воспитно-образовниот процес. За оценување и вреднување на работата на наставниците се задолжени други институции.

            Од голема важност и значење во поддршката на наставниците при нивниот професионален развој и усовршување е поддршката која треба да пристигне од управата на училиштето и стручните служби. Управата на училиштето не треба само вербално да истакнува дека е неопходна меѓусебна соработка на наставниците. Таа треба да понуди конкретни решенија за надмниување на таквиот проблем, доколку е присутен, преку обезбедување време и простор за такви активности. Училишниот менаџмент треба да воспостави механизми каде што секој наставник кој бил на обука задолжително треба да изврши дисеминација во училиштето или пак да ги запознае наставниците во врска со истата. Исто така треба да се заложат новостекнатите знаења и вештини наставниците веднаш да почнат да ги применуваат во практичното работење. Во сите овие активности интезивно со свој ангажман треба да бидат вклучени и претставниците на стручните служби од училиштата.

            Професионалниот развој на наставниците треба да се спроведе преку однапред испланирани и неопходни обуки, за кои се утврдило дека се неопходни за наставниците преку спроведени истражувања во самото училиште, каде првенствено предначи самоевалвацијата која училиштето законски треба да ја спроведува на секоја втора година. Нормално сето ова е тесно поврзано со постигнување на приоритетните цели кои ги има поставено училиштето.

Ј.Б.

Advertisements

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.