Teachers - Наставници

ОСНОВНИ ПРОФЕСИОНАЛНИ КОМПЕТЕНЦИИ И СТАНДАРДИ ЗА НАСТАВНИЦИ -Професионални вредности на наставниците-

Професионалните вредности и верувања на наставниците за учењето, поучувањето и наставничката професија се водечки принципи што определуваат какви професионални одлуки ќе носи наставникот, односно како ќе ја планира и реализира наставата, како ќе се однесува кон учениците, родителите, колегите и пошироката заедница. Професионалните ставови и вредности се стекнуваат и менуваат  во текот на образованието за наставник, преку стручно усовршување и низ практиката. Тие се основа за развој на компетенциите, а особено за нивно користење во професионалната работа.

Секој ученик може да учи и да се развива

Наставникот верува дека, иако учениците се посебни индивидуи и се разликуваат според способностите, пристапите во учењето, искуствата, интересите и мотивацијата, сите можат да учат и да се развиваат. Убеден е дека потенцијалите на учениците ќе се развиваат, ако учениците се мотивирани да вложат соодветен напор, којшто ќе резултира со чувство на успешност. Тоа ќе ја зајакне самодовербата и мотивацијата за учење. Смета дека, ако наставата излегува во пресрет на интересите и потребите на учениците и овозможува стекнување на знаењата што се релевантни за нив, тие ќе учат со задоволство и посветено и ќе размислуваат за своите потенцијали како за нешто што може да се подобрува, а тоа ќе им помогне да се развиваат како успешни поединци и членови на заедницата.

Компетенции-3

Доживотно учење

Наставникот ја започнува својата кариера со уверување дека наставничката професија е динамична и дека тој треба постојано да се усовршува за да биде во тек со новите сознанија во наставната област, со новите приоди во работата со ученици и заради промените во целите и очекувањата на општеството во врска со образованието. Тој смета дека наставата не е рутинска работа и дека дава многу можности за професионално учење и развој.Себеси се гледа како одговорен за сопственото учење и развој, а саморефлексијата ја смета за најсоодветен начин за подобрување. Успешноста ја сфаќа како процес на постојано учење и развивање, а континуираното учење не го гледа само како начин да се биде во тек со постојаните промени, туку како чекор кон успехот. Верува дека,  ако покажува ентузијазам за учење во наставната област и во својата професија ќе претставува позитивен модел за доживотно учење и за учениците и за колегите.

Професионален интегритет и посветеност на наставничката професија

Успешниот наставник ја сака својата професија, сака да работи со деца и млади, верува во нивните можности и се радува на успесите што тие ги постигнуваат. Убеден е дека наставникот не е само предавач по соодветниот предмет, туку тој треба да покажува грижа за севкупниот развој на учениците, да е отворен за комуникација и помош и да им дава поддршка кога им е потребна. Наставникот верува дека професијата што ја врши е важна не само за учениците, туку и за општеството и верува дека позитивните промени кај учениците водат кон позитивни промени во општеството како целина. Смета дека без разлика колку нештото е добро, секогаш може да биде и подобро, па затоа предизвиците во професијата ги гледа како можност за изнаоѓање инвентивни решенија, а работата на развојни и истражувачки проекти како можност за подобрување на образовните политики и практики. Професионалниот и личниот интегритет не ги гледа само како свои одлики, туку и како начин за промовирање на наставничката професија во општеството. Кога е соочен со разни притисоци, наставникот не им подлегнува, туку се раководи според професионалните принципи.

Комуникација-4

Соработка

Наставникот смета дека за успешно учење и развој на ученикот важно е да се воспостави партнерски однос на наставникот, училиштето, семејството и пошироката заедница. При тоа, ќе споделуваат исти цели за учењето на учениците, ќе разменуваат информации, ќе договараат приоди и стратегии, ќе се надополнуваат, а нивната меѓусебна комуникација ќе се базира врз заемно почитување и доверба. Наставникот верува дека односите со родителите се клучни затоа што редовна отворена и двонасочна комуникација е во интерес на развојот на учењето на нивните деца, но и од интерес на пошироката училишна заедница.Убеден е дека професионална соработка со колегите и со пошироката заедница може да придонесе за повисоки постигања на учениците, афирмација на училиштето и подигање на образовното ниво на заедницата.

Еднаквост, инклузија и социјална правда

Наставникот е чувствителен за различностите кај учениците и покажува подготвеност да ги прифати учениците како посебни личности различни од другите, без разлика на нивните способности. Верува дека учениците ќе сакаат да учат и ќе учат доколку се чувствуваат прифатени во паралелката и училиштето и настојува да создаде средина во која секоја различност се прифаќа и почитува. Посветен е на поддршката на индивидуалниот развој, благосостојба и вклучувањето во потесната и пошироката заедница на секој ученик без разлика на способностите или потеклото и на подигањето на самопочитта и самодовербата.

Компетенции-1

Посветеност на училиштето

Оваа професионална вредност се очекува силно да се манифестира кај наставниците – ментори. Тие, покрај тоа што посветено работат со учениците и колегите во рамките на редовните работни обврски, чувствуваат силна припадност кон училиштето во коешто работат и веруваат дека сите треба и можат да придонесат за афирмација на училиштето. Наставникот – ментор верува дека со својата иницијатива и ангажман може да придонесе за подобрување на работата на колегите, нуди и подготвен е да им даде поддршка и помош на сите на кои им е потребна. Убеден е дека училиштето е место во кое и наставниците учат и со тоа претставуваат мотивирачки пример за учениците, родителите и пошироката заедница. Тој сопствената работа ја гледа многу пошироко од основните наставни и воннаставни ангажмани и со задоволство се вклучува во разновидни активности за унапредување на работата на целото училиште.

Компетенции-2

Посветеност на унапредување на наставата на државно ниво

Оваа професионална вредност се очекува да се манифестира кај наставниците – советници. Наставникот – советник во својот професионален развој стигнал до таму да се чувствува способен и одговорен да придонесе за унапредување на наставата и надвор од рамките на училиштето, на регионално и државно ниво. Отворен е за иновативни пристапи, информиран е за современите образовни трендови, критички ја анализира воспитно-образовната практика и верува дека може да придонесе за нејзино подобрување на национално ниво и презема иницијативи во таа насока.

Извор: Основни професионални компетенции и стандарди за наставниците

Advertisements

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.