Улогата на наставникот, стручните соработници, родителот и училиштето во справувањето со агресивните ученици

Улогата на наставникот, стручните соработници, родителот и училиштето во справувањето со агресивните ученици

Улогата на наставникот

Наставникот и ученикот долго време во денот поминуваат заедно па затоа наставникот може да даде соодветна констатација за однесувањето на ученикот во училиштето. Покрај образовната компонента, наставникот има голем удел во градењето и воспитувањето на личноста на ученикот. Тоа подразбира поттикнување позитивно однесување и сузбивање на негативното однесување кај ученикот. За да наставникот го детектира позитивното и негативното однесување на ученикот, тој треба него постојано да го следи.

Улогата на наставникот е да:

  • собере дополнителни информации од родителите или старателите за ученикот;
  • да може да ги детектира отстапувањата во неговото однесување од нормалното или пак од однесувањето кое било карактеристично за ученикот (ученик кој дотогаш бил разговорлив наеднаш се затвора во себе и станува молчелив);
  • го следи целокупното однесување на ученикот;
  • го упати ученикот во стручната служба или надвор од неа (институции кои се занимаваат со детскиот развој) доколку има такава потреба.

За успешно справување со агресивните ученици наставникот треба да остварува и секојдневна соработка со училишната стручна служба и останатите колеги. Исто така од голема важност е наставникот да поседува и одредени вештини кои ќе ги примени согласно карактерот на проблематичниот ученик. Некои од тие вештини се: ефикасно поучување, комуникација со учениците, прагматично и насочено водење на паралелката, вештини насочени кон решавање на проблеми. Секако, тука треба да се напомене дека секој наставник, посебно одделенските, треба за време на своето додипломско школување да се стекнат со вештини за работа со ученици од различна возраст и своето воспитување да го насочат согласно нивниот развоен период и години. Во работата со проблематичните ученици наставникот треба да внимава како ќе го формулира прашањето, барањето, давањето насока за работа со цел со него да има добар начин на комуникација. Наставниците кои го почитуваат мислењето на учениците, а тоа го докажале за време на комуникацијата со нив, учениците обично добро ја примаат и свесни се за одредена критика која ќе им ја упати наставникот. За време на изнесувањето одредена критика или забелешка кон ученикот, добро е наставникот тоа да го стори насамо со ученикот или со уште едно или неколку лица во кои ученикот има доверба.

Праксата покажала дека има добар број наставници кои со своето однесување и постапки покажале дека не знаат правилно да се справат со проблематичните ученици. Оваа појава често се должи и на недоволната едукација на наставниците во оваа област. Доколку наставникот поседува знаење од оваа област тој може сам да се справи со овие ученици. Но, добро е наставникот во работењето со овој вид ученици да ја вклучи и училишната стручна служба.

Улогата на училишната стручна служба –секое училиште треба од гледна точка на вработени во стручната служба да биде добро екипирано што подразбира (педагог, психолог, социолог, социјален работник, дефектолог, логопед) но за жал ова не е случај. Постојат училишта во кои има вработен по еден стручен соработник, а во мојата пракса имам сретнато и случаи каде за две училишта има еден стручен соработник. Од тие причини се случува стручниот соработник или соработници да не можат да постигнат да се справат со бројот на вакви ученици, па затоа и наставниците активно се вклучуваат со сопствен придонес. Од овие причини потребна е добра соработка и надополнување на работните задачи помеѓу стручната служба и наставниците. Во случај кога и едните и другите не се во состојба да се справат со агресивен, односно проблематичен ученик, надлежноста преминува на специјализирани вонучилишни стручни установи.

Argumente und Gegenargumente: Geschftsleute in einem Meeting

Не помалку важна е соработката со родителите – родителите треба да се гледаат како дел од проблемот. Од тие причини тие треба да бидат вклучени во изнаоѓање решение за справување со проблемот. Однесувањето и третманот на родителите кон своите деца може да биде причина за нивното девијантно однесување, но исто така може да биде и клуч за решавање на настанатите проблеми. Наставниците обично грешат кога ги напаѓаат и обвинуваат родителите за настанатите проблеми, наместо тоа тие треба активно да ги вклучат родителите со нивен допринос да се реши проблемот во однос на нивнотот дете. Секој родител сака да му помогне на своето дете, но најголемиот дел од нив имаат недостаток од стручни педагошки вештини и знаења, па затоа, тука треба да помогнат наставниците. Наставниците треба да ги искористат родителите како богат извор на информации во однос на ученикот на кој се сака да му се помогне. Од голема важност е да се создаде тријаголник на доверба во кој ќе бидат опфатени ученикот, наставникот и родителот. Работата на наставникот со родителите опфаќа неколку главни сегменти од кои ќе ги истакнам: изнаоѓање и објаснување на причините за непримерното однесување на ученикот и начините на кои тоа може да се сузбие, договор помеѓу наставникот и родителот за поинакво однесување кон ученикот, дефинирање на начинот на однесување и следење на однесувањето на родителот. Многу често непримерното и агресивно однесување на ученикот е последица на некои случувања во семејствот, на пример развод на неговите родители, постојани кавги и несогласувања помеѓу родителите, лоша социјална положба, алхохолизам во семејството итн.

Teacher lecturing boys

Влијанието на училишната клима и училишното опкружување – една од должностите на училиштето е да создаде пријатно опкружување и клима за работа. Од тие причини важно е во училиштето да бидат конкретизирани правила на однесување во насока на спречување агресивно однесување на учениците, а секако и на наставниците. Најдобро е одредена работа да се превенира и спречи, а не отпосле да се лекува и спречи. Преку правила и превенирање може да се спречи доцнењето на часови, бегањето од часови, уништување на училишните добра, непишување домашни задачи, непримерно однесување итн. Важно е училиштата да функционираат на начин кој на учениците ќе им овозможи тие во нив да се чувствуваат пријатно и задоволно. За жал во одредени ситуации може и училиштето да се јави како предизвикувач на проблеми во однос на работењето и однесувањето на учениците. Како причина за тоа ги бележиме немањето кодекс на однесување во училиштето, изостанување на индивидуалниот пристап кон секој ученик, неконзистентност во придржување на пропишаните училишни правила, неправилна примена на казните и наградите, несанкционирање на неприфатливото однесување од страна на ученикот.

За полесно справување со децата кои манифестираат неприфатливо однесување потребно е:

  • обезбедување соодветни училишни услови,
  • поттикнување кај наставниците интерес за индивидуален и подеднаков пристап кон секој ученик,
  • интензивирање на комуникацијата помеѓу наставникот и родителот,
  • јакнење на капацитетите на училишната стручна служба,
  • професионална континуирана обука за наставниците и стручните соработници од училиштето за справување во работењето со проблематичните ученици,
  • изготвување програма, на ниво на училиште, за работа со деца кои покажуваат непримерно однесување,
  • Воспоставување контакт и соработка со специјализирани установи како што е центар за социјални работи, разни советувалишта, специјализирани клиники итн.

Ј.Б.

Advertisements

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.