Teachers - Наставници

Групна форма на работа

Групната форма на работа подразбира кога учениците во паралелката ќе се поделат во неколку групи и така поделени работат на одредена задача која ќе им ја додели наставникот. Доделената работна задача може да биде иста за сите групи или пак различна за сите групи, а тоа подразбира секоја од групите да работи на различна задача. По завршувањето на групната активност, добиениот резултат секоја група го споделува со останатите групи од целата паралелка. Поактивна улога при групната форма на работа има наставникот на самиот почеток на часот кога тој ги задава задачите и дава насоки како да се пристапи кон решавање на истите. За време на групната работа наставникот ја надгледува групната форма на работа на учениците и доколку има потреба интервенира во нивните активности со совети и насоки. Групите на ученици може да бидат моментални или пак подолготрајни. При групната работа задачите кои ги дава наставникот може да бидат засебни, односно неповрзани или пак задачите да бидат меѓусебно поврзани, а тоа може да се согледа на крај кога групната работа ќе заврши и истата ќе се презентира каде што добиените резултати од групната работа треба да бидат последователни и меѓусебно поврзани, односно истите да претставуваат една целина. На крај од групната работа, по презентацијата на секоја група, добро е да се отвори дискусија во однос на презентираното и истите меѓусебно да се вреднуваат во однос на сработеното. На крај од оваа групна форма на работа наставникот треба да ја пофали активностите на сите групи и да ги охрабри и мотивира за понатамошно практикување на оваа форма на работење.

grupa 1

При поделбата на учениците за групна форма на работа наставникот вообичаено треба да води сметка на разноликоста на групите, односно да внимава на половата застапеност, нивната националност, успехот (во секоја група да има ученици со различен успех и постигнувања), доколку има ученици со посебни потреби истите рамномерно да бидат поделени во групите итн. Оваа е вообичаен начин на поделба при групно работење. Но, при групното работење може да се направи поделба на учениците и според начинот на нивното составување и поделба на учениците според различноста на добиените работни задачи. Поделбата според начинот на составување подразбира наставникот за одреден вид на задачи да состави групи во кои ќе има ученици со приближно ист успех. Со самото тоа се добиваат групи со ученици кои ќе се разликуваат во однос на квалитетот на нивните постигнувања (успехот). Вакавата поделба крие опасност од демотивирање на учениците, посебно кај оние групи составени од ученици со послаб успех. Поделбата на учениците според различноста на добиените работни задачи подразбира групите ученици да работат на различни работни задачи, а на крајот на часот да се изврши синтеза на сработеното од сите групи. Во овој случај се применуваат различни работни задачи кои даваат можност во самата група зададената задача да биде разложена на помали делови согласно можностите на учениците кои се во групата. Овој начин на групна форма на работа од наставникот бара посебни подготовки и добро познавање на секој ученицик во паралелката.

grupa-2

Улогата на наставникот при групната форма на работа е да ги поттикне учениците да ги образложат своите заклучоци, видувања и размислувања во однос на дадената работна задача. При излагањето на групното решение секој ученик од групата има право да даде свој допринос презентирајќи дел од сработеното. За време на групната форма на работа од учениците не треба да се очекува апсолутна тишина, нормално е тие меѓусебно да се договараат во однос на тоа што го работат. По излагањето на резултатите од работната задача на секоја група треба да има групна дискусија која од страна на наставникот ќе биде насочена кон изнесување на заклучоци во врска со сработеното. Бројот на ученици од кој ќе биде составена групата е варијабилен. Тоа многу зависи од севкупниот број на ученици во паралелката. Најидеално би било секоја група да биде составена од 5-6 ученика.

Кога станува збор за групната форма на работа, можеме да издвоиме неколку модели.

Раздвојување на задчите по групи, а потоа во самата група има поделба на активностите во однос на задачата што подразбира доделување работна задача на секој член во групата согласно неговите предзнаења и можности. Во оваа група водачот ја координира работата на истата.

Раздвојување на задачите по групи каде работните задачи на членовите на групата им ги доделува ученикот кој е нивен водач. Обично ова се групи кои имаат постојан состав, каде учениците меѓусебно одлично се познаваат и како такви и во тој состав групите  функционираат подолг временски период.

Раздвојување на задачите по групи каде што секоја група добива различни задача, а членовите во групата работат на исти задачи. Овој начин на групна работа се практикува кога учениците за првпат се сретнуваат со групната работа и им е потребно време да се приспособат на ваквиот начин на работење.

            Во текстот што следи ќе бидат претставени одредени елементи поврзани со групната форма на работа, а поврзани со: текот на часот при работата во групи, обликот на седење на учениците при групната работа, предностите и недостатоците од примената на оваа форма на работа во наставата и подготовката на наставникот за групна работа.

Grupa-3

Текот на часот при групното работење е следен:

  • Наставникот започнува со фронтална работа затоа што се обраќа на сите ученици во паралелката, им ја соопштува задачата, целта и исходот од истата и ги дели учениците по групи според однапред одредени критериуми.
  • Потоа на учениците во групите им ги дели задачите на кои ќе работат.
  • Следува самостојно работење на групите што подразбира внимателно читање на барањето, проучување на истото, пристапување кон решавање, изнаоѓање на решение, подготовка на излагањето во однос на добиениот резултат, делење на задолженија на секој ученик во однос на презентирањето на добиениот резултат. (Во оваа фаза доколку има одредени дополнителни нејаснотии учениците бараат дообјаснување од страна на наставникот во однос на барањата на кои тие работат).
  • Следува посебно излагање на исходите од активностите поврзани со работната задача на секоја група. Обично водачот на групата со помош на другите во групата го објаснува добиениот резултат, а потоа се отвара расправа во однос на презентираното и се носат заклучоци.
  • На крај следуваат коментари во вид на вреднување во однос на презентираното од секоја група. Всушност тоа е повратна информација која ја дава наставникот.

Распоред (облик)  на седење на учениците

За време на групната работа вообичаено е да има и групна комуникација која всушност и го карактеризира групното работење. Во овој случај најдобро би било учениците да седат во форма на круг, правоаголник или пак во облик на буквата „П“ каде секој со секого без некои поголеми потешкотии ќе може да комуницира.

Предностите од примената на групната форма на работа

  • При групната форма на работа акцентот не е ставен само на просечниот ученик што е карактеристично за фронталниот начин на работење.
  • Откако ќе биде создадена групата секој ученик има своја улога и одредена активност без разлика дали станува збор за слаб, просечен или натпросечен ученик.
  • При групната работа се промовира соработка помеѓу учениците наспрема поттикнување ривалство помеѓу нив.
  • На послабите ученици им се дава можност, согласно нивните способности, да дадат допринос и да се почуствуваат корисни кон изнаоѓањето на крајно решение во целокупниот вложен труд на групата.
  • Учениците имаат посериозен пристап, одговорност и посеопфатно се подготвуваат затоа што знаат дека успехот кој ќе го постигнат ќе биде манифестиран преку нивната самостојна работа, наставникот во групната работа има мал удел.
  • Наставникот при групната форма на работа е само координатор кој дава насоки како треба да се пристапи кон решавање на задачата, а тоа значи не е директен преносител на знаењето на учениците.
  • Сознанието дека секој ученик ќе има свој удел при презентирањето на резултатите од групното работење на секој ученик му дава обврска да има сериозен пристап при овој начин на работење, а со самото тоа и добро да го совлада она штое е предмет на групното рабатоење.
  • Овој начин на работа нуди и поголема меѓусебна социјализација на учениците бидејќи тие при самото работење имаат можност меѓусебно подобро да се запознаат.

Потешкотии во однос на примената на групната форма на работа

  • Кога станува збор за потежок наставен материјал има поголема потреба од активно вклучување на наставникот, а тоа подразбира наставникот да не е само координатор.
  • Сите работни задачи не се соодветни за групна работа. Одредени работни задачи од ученикот бараат тие индивидуално да ги искажат сопствените доживувања и емоции.
  • Групната форма на работа бара користење на разновиден и обемен наставен материјал.
  • Од голема важност при групното работење се просторните и материјално-техничките услови со кои располага училиштето.
  • Групната работа бара толеранција и флексибилност во однос на комуникацијата и однесувањето на учениците што можеби не е во согласност со организацискиот кодекс и клима во училиштето.

Подготовката на наставникот за групна работа

  • Групната форма на работа од наставникот бара, во почетокот кога таа започнува да се применува во паралелката, наставникот да ги научи учениците на правилата која ги бараа оваа форма на работа, а тоа подразбира тивко движење низ училницата за време на активностите и при преместувањето на училишните клупи, столчиња, наставен материјал и други средства за работа, тивко договарање и комуникација во однос на активностите, наставникот да ги подучи како да се работи по дадени упатства сврзни со групното работење, начин на презентирање на сработеното итн.
  • Оваа форма на работа создава предводници, секогаш во групата треба да има ученик кој ги координира работите.
  • Кога учениците за првпат се сретнуваат со овој начин на работа треба да им се даваат поедноставни задачи.
  • Наставникот се подготвува за привикнување на учениците на самостојни излагања во однос на сработеното, како да дискутираат, дебатираат, образложено да ги аргументираат своите ставови, да изнесуваат конструктивни издржани критики и забелешки итн.
  • Наставникот треба да знае како да ги поттикнува и охрабрува учениците.

Ј.Б.

Advertisements

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.