Teachers - Наставници

Совети за наставници со неколкугодишен работен стаж

Овој текст пред сè е наменет за наставниците приправници, а секако и за оние кои имаат само неколку години работно искуство во воспитно-образовниот процес. Угледот и авторитетот наставникот треба да го гради уште од првиот негов работен ден во училиштето. Во таа насока ќе наведам неколку совети кои на наставниците прирправници и оние со неколкугодишен работен стаж ќе им помогнат полесно да се снајдат и прилагодат во средината каде ќе поминат голем дел од нивниот живот.

Бидете професионалци

Однесувајте се професионално кон сите ваши колеги. Трудете се да го изберете вистинскиот момент за консултација и добивање информации поврзани со воспитно-образовниот процес без да ги попречувате вашите колеги во нивната работа. Таквиот ваш однос позитивно ќе влијае кај колегите со подолг работен стаж и истите самоиницијативно ќе сакаат да ви помогнат и дадат совети и информации поврзани со наставата и истовремено уште на почеток од вашиот работен век ќе ве сметаат за професионален и посветен нивен колега.

Почитувајте го работното време

Пред неколку дена слушнав како наставничка која реализира настава во основно училиште и која има работен стаж од само неколку месеци задоцнила на првиот час за тој работен ден, а кој час ѝ започнува во 10.30 часот. Наставничката пред колегите како изговор за нејзиното доцнење навела дека се успала. Се поставува прашањето, што да се очекува од ваквата наставничка која на самиот почеток од нејзината работна кариера доцни на нејзиниот прв работен час за тој ден кој ѝ започнува во 10.30 часот?! Дали од неа треба да се очекува висок степен на професионалзам, сериозност и посветеност кон работните обврски како наставник?! Уште еден пример, од истото училиште, околу (не)почитувањето на работното време. Во ова училиште слушам, а и самиот сум имал прилика да се уверам дека одреден број наставници, пред сè од предметна настава не го почитуваат работното време во однос на реализацијата на временската рамка од 40 минути на еден наставен час. Истите на час доцнат по околу 10-15 минути, а понекогаш и повеќе. Се случува директорот или претставник од стручната служба да влезат во наставничката канцеларија да им укажат на почитување на работното време, или на наставникот да му го дадат дневникот за настава и да му кажат дека крајно време е да замине да го реализира наставниот час. Почитувањето на работното време е многу битно, непочитувањето на истото остава лош впечаток за вас како наставник, посебно ако сте на почетокот од работната кариера. Доколку доцните, а доцнењето не е по ваша вина известет го вашиот ментор, стручен соработник или вашите колеги да го организираат наставниот час на кој ќе задоцните или пак воопшто нема да присуствувате.

737971446

Информирајте навремено

Покрај тоа што сте наставник и вие сте жив човек кому може да му се случат одредени непредвидливи нешта кои првенствено ќе ве спречат да отсуствувате од настава (на пример болест). Во тој случај навремено информирајте го вашиот ментор или вашите колеги за вашето отсуство и она што планирате да го реализирате на часовите со цел да можат тие успешно да ве заменат додека сте отсутни. Немојте за тоа да го чекате последниот миг или воопшто да не информирате никого.

Запознајте ги правилата на училиштето

Покрај тоа што ќе се запознаете со правилата и пропишаниот кодекс на однесување за училиштето во кое работите и училницата каде ја реализирате наставата, истите треба и да ги почитувате. Доколку во однос на некои правила и начин на однесување имате недоумица и не ви се доволно јасни, побарајте помош и појаснување од вашите колеги со подолг работен стаж.

Бидете љубезни

Доколку сакате да оставите впечаток на професионалец во училиштето каде сте се вработиле, бидете љубезни и коректни кон сите чинители на воспитно-образовниот процес, и тоа: колегите наставници, стручната служба, раководството, помошниот персонал, учениците и нивните родители, едноставно кон сите лица со кои контактирате во училиштето. На овој начин сите ќе ве доживеат како пријатна личност со добри манири.

Однесување кон учениците

Кон учениците треба да имате еден коректен и професионален однос. Многу наставници кои се на почеток од својата кариера обично користат погрешен пристап кон учениците со цел да ја стекнат нивната почит и доверба. Тоа може да се согледа во нивниот строг однос проследен со лоши оценки или комуникација на висок тон од една страна или пак премногу близок однос проследен со заедничко дружење и пиење кафе од друга страна. Ниту едниот ниту другиот однос не е прифатлив. Почит од учениците ќе стекнете преку ваше стручно познавање на материјалот кој го предавате, праведниот однос и вашите коректни постапки.

Секогаш бидете подготвени

Секогаш внимателно планирајте ги вашите постапки и реализирањето на наставниот процес. За таа цел консултирајте го менторот или колегите со подолг работен стаж, а истовремено консултирајте и стручна литература во печатена и електронска форма. Сите работни задачи во врска со воспитно-образовниот процес извршувајте ги навремено и бидете секогаш подготвени за успешна реализација на наставниот процес. На тој начин стекнувате личен кредибилитет пред вашите колеги, учениците, родителите и сите инволвирани лица во воспитно-образовниот процес. Исто така на почетокот од вашиот работен век на овој начин стекнувате работни навики од кои само ќе имате бенефит.

Бидете флексибилни

Во работата многупати ќе се соочите со непредвидливи ситуации директно или индиректно поврзани со воспино-образовниот процес. Трудете се секогаш да се приспособите на тие непредвидени ситуации, а кои се во насока и корист на успешен наставен процес. Доколку треба порано дојдете во училиште или пак подоцна заминете дома ако вашите колеги или стручен и раководен кадар имаат потреба од вас, и од вашата помош и присуство во училиште. На тој начин уште на самиот почеток од вашата работа како наставник ќе оставите позитивен впечаток на посветен наставник кој сака да се вложи и даде соодветен допринос во реализацијата на успешната настава.

Бидете доверливи

Уште на самиот старт од вашата работа ќе се соочите со информации кои ќе ви бидат соопштени во доверба од страна на ваши колеги или пак ученици. Во ниту еден случај не треба да ја злоупотребите нивната доверба. Ако тоа го направите ќе бидете етикетирани како колега, односно наставник со кој не треба да се споделуваат доверливи информации.

Конфликт-2

Посветете внимание на вашето облекување

Голем број од училиштата на своите наставници им доделуваат работна облека (обично мантил). Истата го штити наставникот од валкање на неговата облека при извршувањето на неговите секојдневни обврски, а од друга страна го истакнува во однос на другите како наставник, припадник од еден наставен колектив во однос на другите од посредното и непосредното опкружување. На овој начин наставниците се обележани и во однос на учениците, ова посебно важи за помладите наставници, и секој кој е од надвор (родител, советник, инспектор или пак друго лице) да може да го препознае наставникот во училиштето без да го помеша со некое друго лице или пак учениците. Доколку во колективот не е воспоставена практика за носење на работна облека наставникот трба да биде прикладно облечен согласно неговата професија, ова посебно важи за помладите наставници кои се нови во наставничкиот колектив, на овој начин тие во однос на учениците ќе делуваат попрофесионално и посериозно.

Професионалниот и сериозниот пристап кон работните обврски нововработениот наставник треба да ги гради од самиот негов почеток. На тој начин тој ќе се стекне со углед како наставник посветен на неговите работни обврски.

Ј.Б.

Advertisements

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Change )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Change )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.