Дисциплината, општо гледано, претставува збир од правила и прописи кои обезбедуваат функционалност на некоја установа, организација, група или поединец во согласност со поставените цели и задачи (Spajić-Vrkaš, Kukoč, Bašić, 2001.)
Дисциплината во паралелката претставува ред кој се воведува во училницата како мерка на делотворно подучување и учење. Педагошки е правилно да се зборува за дисциплина во смисла на самоконтрола на ученикот, што всушност е претпоставка за заедничка работа во училницата, групата или парот ученици (Spajić-Vrkaš, Kukoč, Bašić, 2001.)
Дисциплината се реализира во училишна клима каде владее слобода на изразување. Во клима каде може слободно да се изнесат и бранат сопствените ставови и видувања од страна на ученикот и од страна на наставникот. Под поимот дисциплина не треба да се подразбира потполна тишина во училиштето, слепо почитување и безусловна послушност, под дисциплина треба да се подразбира почитување на заеднички донесени правила, конструктивен разговор и расправа, почитување на училишната хиерархија и сл. Под дисциплина исто така се подразбира работа на групата и поединецот под одредени услови.
Што е важно да се има на ум во однос на дисциплината
- За постигнување на неопходниот ред за работа поважно е умеењето за делотворно подучување, отколку односот на наставникот кон непослушноста на ученикот.
- Доколку наставните активности се добро испланираи и подготвени и доколку реализацијата на наставната содржина го поттикнува и го поддржува вниманието на учениците, интересот и соработката, тогаш ќе се воспостави потребниот ред.
- Соодветното подучување е темел за воспоставување дисциплина.
- Погрешно е доколку на дисциплината се гледа од аспект како нешто кое ќе служи за решавање на неуспесите на учениците одвоено од наставничкото подучување.
- Уште поголема грешка е доколку се сака да се воведе дисциплина врз база на доминација. Нема да се постигне бараната дисциплина и посакуваното однесување доколку се втерува страв „во коски“ како стратегија за минимизирање или отстранување на непослушноста.