Диференцијација е прилагодување на наставата и учењето кон потребите и можностите на учениците. Таа е процес со кој се планираат активностите во врска со целите од наставната програма, методите на учење и активностите на учење за да се задоволат потребите на секој ученик поединечно. Со неа обезбедуваме задачата да е соодветна на индивидуалните потреби на учениците, вклучувајќи ги и учениците со ПОП.
Зошто е потребна диференцијација?
– Воспитно-образовната работа на наставникот и учењето на учениците се ефикасни кога се приспособени на потребите на учениците.
– Диференцијацијата дава можности за успех на секое дете и овозможува сите деца да бидат активни.
При тоа мора да се обрне внимание за учениците да се обезбеди:
− самостојност во извршувањето на задачите;
− обезбедување на потребните извори, средства, материјали за работа;
− поставување на барања што соодветствуваат на ученичките способности и интереси;
− планирање на потребно време што ќе им се посвети на сите групи;
− оптимално дозирање на задачи (да не се претешки/прелесни).
Диференцијацијата е базирана на дијагноза
− Наставникот мора да знае кого ќе поучува, со кого ќе работи.
− Иницијалната состојба е дел од „влезот“ (инпутот) во образованието и од тоа зависи идниот учинок.
− Дијагностицирањето е почеток (вовед) во поттикнување на процесот на развој на ученикот и во создавање на услови за тоа и е основа за прогноза на можностите и за планирање на работата.
Што треба да се знае за ученикот? (Што да се дијагностицира?)
− Когнитивен развој (предзнаења во најширока смисла на зборот);
− Развој на говорот и јазикот;
− Социјализациски аспект на развојот;
− Емоционален развој;
− Физички развој.
Кај сите компоненти се следат и се спознаваат:
− Резултати, состојба (што знае детето);
− Процеси, активности (како се одвиваат процесите, активностите).
Дијагнозата може да се направи со помош на различни постапки и техники:
- Посредно (инфирмации од други извори):
− Информации од родителите на ученикот;
− Информации од училишниот педагог/психолог;
− Информации од друг наставник, воспитувач во градинка, колега од одделенска настава или продолжен престој;
− Информации од директор или други субјекти.
- Непосредно прибирање информации:
− Набљудување;
− Чек-листи или евидентни листи;
− Скали на проценка;
− Оценка на готови трудови (изработки на ученикот);
− Разговор.
Стратегии за диференцијација
При диференцијацијата може да се користат различни стратегии, како на пример:
− Секој ученик работи на своја задача со свое темпо;
− Се предава на средно ниво (исти материјали, прашања, упатства) за сите ученици, но поспособните добиваат посложена задача, а тие што имаат тешкотии добиваат дополнителна помош;
− Поделба на одделението во групи според способности (секоја група добива различ- на по сложеност задача, но целите на учење се исти);
− Задачите се подредени по сложеност, така што до најсложените задачи стасуваат само најспособните;
− Се дава иста отворена задача и секој работи со максималниот квалитет што може да го постигне;
− Учениците сами избираат задачи што ќе ги решаваат;
− Сите имаат исти задачи, но во групата учениците си помагаат едни на други;
− Сите добиваат исти работни листови и ги решаваат со сопствено темпо;
− Сите ученици обработуваат одделен аспект на темата, но секој на свој начин.
Видови диференцијација
Диференцијацијата може да се изведе според:
− Резултатите: на учениците им се дава иста задача и од неа ќе произлезат различни резултати во зависност од способностите, самодовербата, искуството итн. Оваа диференцијација покажува што направил ученикот.
− Задачата: учениците се групираат според нивните потреби и способности и им се даваат различни задачи според нивните потреби, можности и способности. Неколку различни задачи може да им се дадат на помалку способните или надарените. Оваа диференцијација покажува кон што се стреми ученикот.
− Самостојното учење: во одделенија со висок степен на независност учениците може сами да ја следат својата линија на учење, истражување или друга активност, индивидуално или во група.
При диференцијацијата размислете:
− Дали потребите на секоја група ученици се задоволени?
− Дали има евалвација на завршените активности/часови?
− Дали се анализирани потребите на секој ученик?
− Има ли проверка на претходно стекнатите вештини, поими, знаења и ставови?
− Размислувајте за поучувањето;
− Вовед на наставникот;
− Задачата е претешка/прелесна?
Извор: Водич за работа на училишниот инклузивен тим