Колку и да е наставникот професионалец, субјективното оцеување тешко е да се избегне. На тоа влијае заинтересираноста на ученикот во однос на некој предмет; неговиот ангажман и посветено работење; континуираната работа дома; или пак од друга страна незаинтересираното однесување; учество во попречување на нормалниот тек на наставата; избегнување на секојдневните задолженија. Овие елементи колку и да ги избегнува наставникот сепак имаат (кај некои наставници повеќе, а кај некои помалку) влијание во формирањето на сумативната оценка за ученикот. Иако овие споменати елементи немаат никаква директна врска со стандардите и критериумите за оценување, сепак имаат значајно влијание при носењето на конечната оценка за ученикот.
Недостоците на субјективниот начин на оценување се поврзуваат со:
а) фактори кои учествуваат во обликувањето на одговорот на ученикот при неговото испрашување;
б) фактори поврзани со наставникот како „инструмент“ за мерење;
в) фактори кои зависат од техниката на испрашување и оценување.
Како фактори кои учествуваат во обликувањето на одговорот може да се набројат
- недоволна јасност и неодреденост во однос на одговорите дадени од ученикот;
- вербални можности на ученикот;
- способност за перцепција и користење на согледаните податоци;
- емоционална отпорност.
Фактори поврзани со наставникот како инструмент за мерење
- тенденција на наставникот да ги подига или спушта критериумите за оценување врз лична перцепција и на тој начин да добие репутација на „строг“ или „благ“ наставник;
- ало-ефект – тенденција на наставникот да го оценува ученикот врз база на претходно стекнато и изградено мислење за него или пак наставникот при оценувањето ги има предвид и се води според мислењата на неговите колеги претходно дадени за тој ученик;
- кога наставникот подеднакво ги оценува сите одговори без да се издвои важното од помалку важното;
- значајно различни прикажани знаења наставникот ги проценува најчесто со средна оценка;
- во однос на дадените одговори на учениците наставникот навлегува премногу длабински и прави голема динстинкција (често повеќе и од 5 оценки);
- наставникот критериумите за оценување ги гради според претходно дадените одговори на другите ученици;
- тенденција на наставникот да има поблаги критериуми за оценување во однос на оние ученици кои се послушни и сервилни кон него.
фактори кои зависат од техниката на испрашување и оценување
- Покрај вообичаените правила поврзани со усното испрашување на учениците, сепак влијание на конечната оценка ќе има и тоа дали: наставникот е доволно активен или пасивен; дали прашањата кои ги поставува се сугестивни; времето на испрашување итн.
- При писменото испрашување можни се истите грешки како и при усното испрашување. Сепак, при писменото испрашување исклучена е емпатијата помеѓу ученикот и наставникот и се дава можност учениците да одговараат на исти прашања.