Teachers - Наставници

Наставници, научете ги учениците како да учат!

Голем број ученици го завршуваат своето формално образование без да имаат научено како да учат. Праксата покажува дека учениците сметаат дека учењето претставува читање на наставната содржина, а кога ќе ги прашате да го репродуцираат самостојно наученото, тоа тешко им оди од рака. Да се прочита текстот не значи дека истиот ќе биде запамтен и научен. Доколку се сака нешто да биде научено тоа треба да биде прочитано неколкупати, да бидат извадени белешки, а потоа да се биде во состојба самостојно да се раскаже наставната содржина или да се реши задачата, без да се гледа во белешките или постапката за решавање на задачата. Детето уште од неговата рана возраст, додека е во почетните одделенија, треба да се поттикнува самостојно да учи. Сепак, помошта во секој случај е добродојдена. Добро е ученикот да има покрај себе некој на кого ќе може да му го прераскаже она што го има учено и да добие повратна информација за прераскажаното. Добро е тоа да биде некој од родителите, баба, дедо, сестра или брат. Учењето ученикот треба да го доживее како забавен, интересен процес, бидејќи преку тој процес ученикот осознава нови работи за себе и светот кој го опкружува.

За да го поттикнат учењето, наставниците треба да користат примери од опкружувањето на учениците кои им се блиски и разбирливи. Исто така треба да користата наставни техники преку кои ќе се привлече вниманието на учениците; нагледни средства како што се компјутер, ЛЦД-проектор итн. Наставата не треба да се реализира само во училница туку и надвор од училницата, во природа, театар, библиотека, место на реализација согласно природата на она што се изучува. Учењето за учениците ќе биде интересно доколку учениците се стават во активност каде ќе се симулираат ситуации од реалниот живот. Доколку наставникот користи разновидни техники, нагледни средства, методи, форми на работа и места на реализација на наставата, учениците полесно и побрзо ќе учат и ќе го совладаат наставниот материјал. Кога учениците подлежат на разнолика настава, тие стануваат покреативни. Учениците треба да се поттикнуваат да користат различни извори за учење, посебно интернетот, каде информациите може покрај текстуално да ги осознаат и визуелно преку гледање кратки филмови и слуховно, слушајќи интерпретации во однос на она што треба да се научи. Нема конкретна формула за која со сигурност може да се тврди дека ќе вроди со плод. Сепак, учењето е процес кој бара труд и време. Учениците различно учат, некои визуелно, некои слуховно, а некои мануелно, преку допир. Наставникот треба да се потруди и да најде заедно со учениците кој начин најдобро му одговара на секој ученик за учење.

Како проблеми кои се јавуваат при процесот на учење манифестирани од страна на учениците може да се наведат:

  • Не внимаваат на час и не ја следат наставата. Учениците кои не внимаваат на час не знаат што се работело на часот, а камоли да научат нешто за време на часот. Учениците кои внимаваат на час, а притоа уште и запишуваат, си го скратуваат времето за учење дома бидејќи голем дел од наставната содржина научиле уште за време на часот.
  • Нема континуитет во учењето, добар дел од учениците учат само тогаш кога се најавени тестови или испрашувања. Во ваков случај материјалот кој треба да се научи се натрупува, ученикот не може да го фати редот од каде да почне со што кај него се јавува малодушност и самоспознавање дека изгубеното тешко може да се надокнади.
  • Учењето напамет на долги стази нема да вроди со плод. Таквото знаење всушност не е знаење. Истото е краткотрајно, а ученикот при интерпретација на „наученото“ не разбира ни самиот што кажува.
  • Доколку учениците она што го учат го поврзуваат со примери од нивниот секојдневен живот, полесно ќе го разјаснат и долготрајно запомнат.
  • „Повторувањето е мајка на знаењето“. Поговорка која во реалноста има вистинско значење. Доколку она што сме го научиле не го повторуваме, за извесен период ќе го заборавиме или пак нема доволно да се сеќаваме на наученото.

Совети за учениците како да учат:

  • Посочете им на учениците да запишуваат додека вие предавате. На тој начин учениците ќе бидат сконцентрирани на она што вие го предавате.
  • Поттикнете ги учениците во процесот на учење да ги користат сите сетила: да слушаат, да гледаат, да направат.
  • Додека предавате посочете им на учениците кои делови се важни, а исто така сугерирајте им кога ќе учат дома овие делови да ги подвлечат. На ваков начин со тек на време учениците ќе стекнат вештина како да ги пронајдат и издвојат важните од помалку важните информации.
  • Посочете им на учениците да водат белешки. Белешките во голема мерка ќе им помогнат кога учениците ќе учат. Кажете им на учениците сами да си најдат метод кој најсоодветно ќе им одговара во вадењето на белешките, дали тоа ќе биде на посебни листови, на маргините од учебникот, подвлечени делови од текстот итн., тоа ќе зависи од самите ученици, но во секој случај таквиот начин на учење ќе им биде од голема помош.
  • Научете ги учениците да учат преку асоцијација и создавање збор со почетна или почетни букви од поимите, на ваков начин полесно се помнат одредени информации. На пример кажете им на учениците дека полесно ќе ги научат месеците во годината кои имаат 30 дена доколу создадт збор со првите две букви од секој месец кој има 30 дена: АПЈУСЕНО, април, јуни, септември, ноември.
  • Наученото секогаш треба да се повторува доколку сакаме тие информации да ни останат во трајно помнење. Ова треба да им се посочи на учениците и тие да знаат дека на наученото треба да се навраќаат со динамика која самите ќе ја одредат за да не им избледат знаењата, односно тие да им станат трајни и функционални.

Во цела оваа активност родителите треба да бидат составен дел.

  • На децата во домот родителите треба да им обезбедат катче во кое тие непречено ќе можат да учат, каде нема никој да им го одзема вниманието со други активности.
  • Родителите треба да ги поттикнуваат децата на учење, а начинот кој најмногу им одговара самите треба да си го изнајдат. Родителите секогаш треба да им помагаат на децата во учењето, но не со пишување домашни наместо нив или да им ги раскажуваат лекциите кои тие ги читале наместо нив.
  • Родителите секогаш треба да ги пофалат децата во однос на интересот и резултатите кои ги поакажале, а се поврзани со учењето. На тој начин тие остануваат мотивирани и подготвени континуирано да учат.
  • Од самиот почеток детето треба да се насочува самостојно да учи. Секако дека е потребна помош во почетните одделенија кога родителот треба да провери што тоа напишало или да го преслуша колку ја совладало и разбрало наставната содржина која ја учело.
  • На детето како родител никогаш не му давајте готово решение, резултат или исход. Имајте трпение и оставете го детето само да дојде до конечниот исход, односно решение. Секако, помогнетему со совет и насочување, тоа многу ќе биде мотивирано и позадоволно од самото себе во однос на тоа што самото ја завршило работната задача.
  • Со детето како родител уште од мали нозе работете во стекнување на взаемна доверба. На тој начин детето секогаш ќе ви се обрати кога има одреден проблем или некоја недоумица.
  • Како родител побарајте соодветна стручна помош доколку забележите дека вашето дете: добива лоши оценки што не било пример претходно; многу учи, но резултатите не се видливи; се жали на болки во стомакот или на главата, а за тоа нема јасни причини. Децата обично имаат потешкотии во учењето кога имаат емоционални проблеми: кога се вљубени; кога некој ги малтретира и понижува; кога врсниците не ги примаат во нивното друштво, ги маргинализираат итн.

Ј.Б.

Advertisements

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Change )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Change )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.