Management staff - Раководен кадар

Како да се избере квалитетен училиштен директор ?

Училиштниот директор е глава на училиштето, од него во голема мерка зависи квалитетот на работа на самото училиште. Во однос на актуелната процедура за избор на директор постојат многу дилеми поврзани со тоа дали моменталниот избор на директор на едно училиште е добар и дали истиот би можел да биде уште подобар кога би се минимизирале или пак целосно отстраниле политичките лобирања и лобирањата на моќници од разни други сфери на интерес.

Во моментов изборот на директор на едно училиште се реализира на тој начин што се објавува јавен оглас. По завршувањето на јавниот оглас, училишниот одбор формира тричлена комисија од редот на членовите од училишниот одбор кои ја разгледуваат доставената документација од страна на пријавените кандидати за директор на училиштето при што се утврдува дали пријавените кандидати на јавниот оглас ги имаат исполнето пропишаните услови со Законот за основно, односно Закон за средно училиште (зависно од тоа во кое училиште се врши избор на директор). Кандидатите кои ги исполнуваат условите продолжуваат во следната фаза за избор на директор на училиштето. Училишниот одбор се обраќа до Бирото за развој на образованието каде од него бара да номинираат советник кој ќе го спроведе интервјуто за избор на директор (обично се номинира советникот од Бирото кој е одговорен за училиштето, што не мора секогаш да е правило, може да биде номиниран и друг советник). Следува закажување состанок на училишниот одбор на кој се спроведува интервју за избор на директор од редот на пријавените кандидати на јавниот оглас кои ги имаат исполнето законските одредеби. По спроведувањето на интервјуто, кое го води советникот од Бирото за развој на образованието, (за време на интервјуто прашања до пријавените кандидати за директор може да постават и членовите од училишниот одбор) се преминува кон гласање, а во гласањето учествуваат само членовите од училишниот одбор. По завршувањето на гласањето се составува записник во кој се наведуваат двајца кандидати за директор кои имаат добиено најмногу гласови и истиот записник се доставува до градоначалникот на општината каде градоначалникот врши избор на директор на училиштето. Оваа е актуелната процедура за избор на директор на едно училиште.

Во случајов, како што беше претходно истакнато, се поставува дилема дали и како може да се воспостави поквалитетна процедура за избор на директор на едно училиште, а во која процедура би биле вклучени поголем број чинители на воспитно-образовниот процес (преку нивните органи) кои директно преку своите претставници во органите би одлучувале во самиот избор со што на површина би испливал најквалитетниот кандидат за директор на едно училиште.

Како можна процедура, која би вродила со избор на квалитетен директор на едно училиште би била следната: Во делот на пријавување на јавниот оглас и условите кои треба да ги исполни еден кандидат за директор на училиште согласно Законот за основно и Законот за средно училиште постапката би била иста. Но, во делот на конкретниот избор, односно гласање за еден од пријавените кандидати за директор би учествувале 5 органи кои активно се вклучени во функционирањето на едно училиште, а тоа се: училишниот одбор, наставничкиот совет, советот на родители, училишната заедница и Бирото за развој на образованието. Сите споменати органи би имале подеднакво учество и глас при изборот на директорот. На свои состаноци, сите претходно споменати органи би донесле одлука кој од пријавените кандидати за директор на училиштето би ја добил нивната доверба. Кандидатот кој ќе добие најголема доверба од претходно споменатите органи би бил избран за директор на училиштето. Училишниот одбор како орган на управување не може да се изземе при изборот на директор на училиштето, а тоа значи дека мора да учествува во оваа процедура, но во случајов тој би учествувал само со 20% во конечната одлука. На наставничкиот совет во кој се вклучени сите наставници од учелиштето би му се дала можност секој наставник директно преку својот глас да одлучи кој ќе раководи со училиштето во кое тој работи. Секако дека во училишниот одбор има и членови од редот на наставниците, но се поставува прашањето колку тие претставници го слушаат гласот на целиот наставнички колектив, односно гласот на сите вработени наставници или пак во најголем дел тие самите одлучуваат по сопствено убедување при изборот на училиштниот директор или пак одлучуваат под влијание на други моќници. Од тие причини добро би било да се вклучи наставничкиот совет и да даде сопствен допринос при изборот директорот на училиштето. На советот на родители во случајов би му се дало можност и тој со 20%, односно свој глас активно да партиципира во изборот на директор на училиштето. Процедурата би била следна, на секој родител би му се дала можност да изнесе свое мислење во однос на пријавените кандидати за директор на училиштето, а потоа сите родители од паралелката/класот би донеле заеднички предлог на ниво на паралелка/клас кој предлог преку својот претставник (родител) би бил изнесен на состанокот на советот на родители, а потоа сите членови на советот на родители би донеле заеднички предлог за директор на училиштето. И во овој случај во училишниот одбор има членови од редот на родителите, но се поставува и тука прашање колку тие го слушаат гласот на сите родители или пак тие гласаат по свое сопствено убедување или пак под инструкции на други кругови на моќ. Училишната заедница преку претседателите на паралелките/класовите, а по претходно одржан состанок на учениците на ниво на паралелка/клас би имале можност да дадат сопствен, директен придонес со 20% од вкупниот процент на носењето на конечна одлука за избор на училишниот директор. Во изборот на директор досега учениците воопшто не биле прашани, а доколку лично ги прашате сигорно и тие имаат одредено мислење за тоа кој би сакале да биде директор на училиштето во кое тие учат. И на крај сопствен удел би имало и Бирото за развој на образованието преку својот претставник (советникот) кој е одговорен за училиштето бидејќи и Бирото, посебно на стручен план, учествува во работењето на училиштето. Порано Бирото за развој на образованието при изборот на директор на училиштето имало свој голем удел што денес не е пример.

Сите претходно споменати органи и сите претставници на тие органи директно би имале можност да учествуваат во носењето во квалитетно решение отсликано во квалитетен кадар како директор на едно училиште. На овој начин многу способни и квалитени наставници би се одважиле и охрабриле да се кандидираат за директор на училиште затоа што ќе знаат дека при изборот на училиштниот директор ќе учествуваат многу претставници кои директно се засегнати од тоа кој ќе биде директорот што ќе раководи со училиштето.

Можеби овој текст прочитан на прва делува малку конфузно, но сепак истиот е добра основа од која би можело да се тргне во креирањето на една поквалитетна процедура за избор на училиштен директор каде силата и моќта на одредени кругови на интерес, а на кои во прв план не им е квалитетот на образованието, би била амортизирана, односно намалена. Секако, за оваа процедура потребни ќе бидат и одредени измени во Законот за основно и Законот за средно образование во делот за избор на директор, конкретно во делот на гласање, но од некаде сепак мора да се почне доколку сакаме да го избереме најквалитетниот кандидат кој ќе раководи со едно училиште.

Ј.Б.

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Change )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Change )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.