Parents - Родители

Ефективни совети за предизвикот наречен родителска средба

Средбите со родителите се задолжителни во текот на учебната година. Истите се реализираат за да родителите бидат навремено информирани со воспитно-образовниот процес во кој учествуваат нивните деца, а секако и тие самите да изнесат одредени предлози и идеи поврзани со тој процес. Помеѓу родителите секако дека ќе се најде еден или пак неколку родители кој/кои секогаш ќе негодуваат на начинот на кој одделенскиот раководител раководи и ги носи одлуките поврзани со пралелката/класот, а исто така ќе има негодување и на одлуките кои ги носат и другите наставници. Но, најважно од сè е да им се предочи на сите родители дека наставниците и родителите секогаш се на иста страна, односно во ист тим и заеднички треба да работат на воспоставување и реализирање еден квалитетен воспитно-образовен процес кој ќе продуцира напредок за нивното дете. Во текстот што следи ќе се потрудам да ви посочам неколку совети кои би можеле да ги искористите при соработката со родителите за да имате позитивен исход во комуникацијата со нив.

Контактирајте ги сите родители – Првичниот индивидуален контакт со родителите потрудете се да го направите во првите 2-3 недели од почетокот на учебната година, пред да ја реализирате официјалната прва заедничка родителска средба. За начинот и формата одлучете вие самите согласно вашите обврски и вашето слободно време и обврските и слободното време на родителот со кој сакате да воспоставите контакт. На овој начин вие веќе сте го воспоставиле првичниот контакт со родителот кој контакт подоцна ќе ви ја олесни понатамошната комуникација во однос на индивидуалните и групните родителски средби кои ќе следат.

Мрежа на комуникација – Денес ова модерно време на брз технолошки развој ви овозможува да бидете во постојан контакт со родителите. Најдобар начин е да формирате Viber група на паралелката/класот во која ќе ги вклучите сите родители. Преку истата ќе бидете во можност да ги информирате родителите, наративно и визуелно (преку текст и фотографии) за сè она што се случува во училницата, а сметате дека е битно да бидат запознати родителите.

Не го игнорирајте вознемирениот родител – Вознемирениот родител може да ве исконтактира на различни начини: да ве повика телефонски, преку viber, да ви испрати порака, е-мајл или пак да дојде лично во училиште. Излезете му во пресрет, немојте никогаш да го игнорирате, игнорирањето од негова страна може да биде протолкувано дека вие како наставник имате некоја вина бидејќи не сакате да исконтактирате со него, а тој може да ве заобиколи вас и да ја контактира училишната стручната служба или пак директорот на училиштето. Секогаш соочете се со родителот за да вистината излезе на површина. Изнесете ги сите факти и докази, едноставно претставете ја вистината. Исто така сослушајте го и родителот, нека ја каже неговата приказна. Разговорот е најдобро средство за разрешување на конфликтни и потенцијално конфликтни ситуации.

Избегнувајте да давате ветувања – Трудете се никогаш да не давате ветувања. Кога нешто ќе ветите, оној кому му ветувате секогаш ќе ве држи за збор во однос на она што сте ветиле. Во дадена ситуација нештата нема да бидат во ваша моќ или вие едноставно нема да можете да влијаете да го реализирате ветувањето. Затоа, најдобро е да кажете дека посветено ќе работите да се реализира нештото, без да ветите, а исто така кажете и дека добро би ви дошла соработка и помош од детето и родителот. Поканете ги заедно да работите во однос на постигнувањето на посакуваната цел.

Внимателно комуницирајте со родителот – Ова посебно се однесува кога комуникацијата не се реализира непосредно туку се реализира преку телефонски разговор или допишување. При ваква комуникација бидете срдечни но и кратки во комуникацијата. Ако ваквиот начин на комуникација се одолговлече може меѓусебно во комуникацијата со родителот да си кажете и некои работи за кои подоцна и вие и тој може да зажалите. Затоа, побарајте да се видите лично со родителот, преку непосредна лична комуникација работите може да станат појасни. По завршувањето на комуникацијата исконтактирајте повторно со родителот за да се преслушате дали добро меѓусебно сте се разбрале и истовремено да ги договорите понатамошните чекори и средби.

На родителскиот состанокот бидете подготвени – Родителските состаноци се реализираат и групно. На ваквиот состанок дојдете подготвени бидејќи вие ќе го водите истиот. Имајте подготвен дневен ред и држете се секогаш до истиот. Во дневниот ред задолжително имајте точка разно затоа што некој родител можеби ќе сака да изнесе одреден предлог кој ќе сака да го сподели со сите родители. Во однос на состанокот добро е успехот на учениците да не го соопштувате јавно, туку на секој родител дадете му го во печатена форма. Ова е можност јавно да ги изнесете сите предлози кои се однесуваат општо за успехот на учениците и можност за изнесување предлози за дисциплината на учениците. Исто така ова е можност на родителите да им ги пренесете пораките од страна на другите наставници во однос на успехот и однесувањето на нивните деца.

Покажете грижа– Во комуникацијата со родителите дајте им до знаење дека вие се грижите за нивните деца и дека вие сте им нивните втори родители во училиште. На тој начин со родителот воспоставувате уште поцврста доверба и врска.

Покажете разбирање – Наставникот честопати заборава дека пред себе има родител кој недоволно ја разбира стручната работа на училиштето (бидејќи родителите работат во различни институции и на различни позиции) и при комуникацијата ситуацијата ја гледа само од своја перспектива. Наставникот треба да се обиде, да вложи напор да ја согледа ситуацијата и од перспектива на родителот (да се издигне или да се спушти во комуникацијата) и да се обиде да му ја објасни ситуацијата со зборови блиски и разбирливи за него, а не да се става во одбранбена ситуација на неговите ставови и решенија како наставник.

Прво слушајте, а потоа зборувајте – Во комуникацијата дајте му можност прв да се произнесе родителот. На ваков начин ќе заштедите време и ќе знает точно како да ја насочите комуникацијата и како да го решите проблемот. Кога му давате можност прв да се произнесе родителот, точно знаете за што станува збор затоа што можеби вие сте претпоставувале дека средбата се однесува на едно, а произлегло дека се однесува за нешто сосема друго.

Кога е неопходно внесете и трета страна – Во вашата пракса како наставник ќе имате средби со родители кога ќе се соочите со ситуации, односно средби кои нема да бидат продуктивни и нема да водат веднаш кон исход бидејќи може да има внесено во комуникацијата многу емоции. Од тие причини состанокот презакажете го за друга прилика за да од истиот има продуктивен исход кога емоциите ќе спласнат и ќе доминира пред сè разумот. Доколку ситуацијата е многу тензична, и доколку процените дека има потреба од вклучување трето лице, тогаш внесете претснавник од училишната стручна служба.

            Примарната работа на секој наставник е да ги едуцира учениците, но тој секако треба да мисли и на родителите на тие ученици. Доколку наставникот се потруди да ги применува кажаните совети во неговата пракса, тогаш ќе има повеќе време за работа со учениците, отколку работа поврзана со состанчење или допишување со родителите.

Ј.Б.

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Change )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Change )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.