Teachers - Наставници

Значењето и смислата на постоење на одделенскиот (класниот) раководител

Да се биде одделенски раководител не е ни малку лесна работа. Одделенското раководење се смета за едно од најсложените задолженија во воспитно-образовната дејност. За да еден наставник успешно ја врши должноста на одделенски раководител не е доволно тој да биде стручњак во својата област, туку тој треба да поседува емпатични карактеристики; да биде трпелив и флексибилен; да поседува организациски и комуникациски вештини; да биде отворен за нови идеи; секогаш да има на памет дека раководи со поголема група ученици во која покрај групните треба да се почитуваат и соодветно согледуваат и индивидуалните разлики и потреби на секој ученик. Согласно тоа, одделенскиот раководител како глава на паралелката битно вилјае и допринесува за севкупниот успех на паралелката и на ученикот како единка и составен дел на истата. Секој дел од работењето на одделенскиот раководител изискува сериозен пристап во однос на планирањето, подготвоките, организирањето, анализата, постапувањето, консултирањето, носењето заклучоци. Секоја средба со ученикот, родителот или колегата од училиштето во однос на постапување и разрешување на одреден проблем бара соодветни напори, време и сериозен пристап. Одговорниот одделенски раководител понекогаш во зависност од проблематиката и по неколку дена се подготвува во однос на тие средби и разговори со цел истите да вродат со успех и разрешување на настанатата ситуација. За да успее во своите намери, а секако најбитната е успешно раководење со паралелката, тој треба на демократски начин да ја води паралелката да се грижи и залага за потребите на учениците кои ја сочинуваат неа, но истовремено и на учениците да им даде до знаење дека покрај нивните права и потреби тие имаат и одредени задолженија и обврски како ученици. Наставникот во однос на предизвикот наречен одделенски раководител треба да биде добро подготвен. Тоа подразбира добро да ја знае законската регулатива поврзана со воспитно-образовната дејнос, административното работење и стручно да се надоградува во таа насока консултирајќи литература од областа на педагогијата и психологијата. Не помалку значајно е во оваа насока да се консултира и да разменува искуства со останатите одделенски раководители со што ќе стекне подобри појдовни позиции за успешна комуникација и соработка со учениците и нивните родители, другите наставници од училишниот колектив како и другите интересенти од локалната заедница и другите организации чиј интерес на директен или индиректен начин е воспитно-образовното работење. Во системското работење на едно современо училиште одделенскиот раководител има исклучително значајна улога, сложено воспитно-образовни функции и многубројни педагошки задачи. За квалитетна реализација на воспитно-образовната дејност одделенскиот раководител неопходно е да преземе низа систематски мерки во насока на интензивирање на воспитно-образовното работење на училиштето. Во истата насока училиштето е должно да се грижи за перманентно усовршување на одделенските раководители и континуирано подобрување на статусот и компетенциите на одделенскиот раководител како професионалец.

 Поимот одделенски раководител во Педагошки речник од И.Лешковски (2002) е објаснет на следниот начин. Одделенски раководител – наставник кој, определен од наставничкиот совет, ја врши функцијата на педагошки, организационене, и административен раководител на една паралелка, Илија Лешковски, Вековишинина, Педагошки речник. Скопје 2002 стр.207

Во Законот за основно образование – консолидиран текст поимот одделенски раководител е објаснет на следниот начин. Одделенскиот, односно раководителот на паралелката ја остварува програмата за часот на одделенската заедница, ги анализира воспитните и наставните резултати на одделението, се грижи за решавање на воспитните и наставните проблеми на одделни ученици, соработува со родителите и стручните соработници на училиштето, предлага и одлучува за воспитните мерки и врши други работи утврдени во статутот на училиштето.

Ј.Малич во своето дело поимот одделенски раководител го има објаснето како педагошки раководител на паралелката кој воспитно делува во формирањето на личноста на ученикот и чија педагошка функција ги вклучува знаењата на учениците и нивните можности, познавање на семејната состојба и целите кои училиштето сака да ги реализира, познавање на останатите наставници, членовите на наставничкиот совет, познавање на педагошките мерки кои може да влијаат во воспитувањето на групата ученици и ученикот како поединец.

Соработката со учениците одделенскиот раководител ја реализира преку индивидуална соработка со нив, преку групна работа со дел од учениците од паралелката и преку фронтална работа со учениците од целата паралелка за време на часовите на одделенската заедница. Соработката со родителите одделенскиот наставник ја реализира преку групни и индивидуални состаноци. Овие состаноци може да бидат информативни и советодавни. Соработката може да се реализира и преку современата информацискокомуникациска техологија како што се СМС пораки, мејл пораки и сл. По потреба и во договор со родителите, одделенскиот наставник може да го посети и домот на ученикот. Соработката со наставниците, стручните училишни соработници и директорот на училиштето одделенскиот раководител ја реализира преку различни состаноци на одделеснкиот совет, советите на паралелките, наставничките совети и други форми на состаноци на кои се дискутира и се преземаат конкретни мерки за разрешување конкретни проблеми на ниво на училиште или на ниво на паралелка. Соработката со колегите од училиштето најдобро би било да се на ниво на индивидуална соработка каде преку непосредни средби и договори со наставниците, претставниците од училишната стручна служба или директорот на училиштето може конкретно да се делува во однос на воспитувањето на учениците и соработката со родителите. Облиците, методите и постапките на работа на одделенскиот раководител во однос на интензитетот на неговиот ангажман за остварување на задачите и целите зависат од возраста на учениците, нивното животно искуство, интерперсоналните односи, развиеноста на ученичката заедница со која раководи одделенскиот наставник, степенот на нивната самостојнос во однос на пристапот за одговорно разрешување на сите новонастанати ситуации. Согласно степенот и развиеноста на училишната заедница, паралелката, наставникот може да има различни улоги, и тоа непосреден организатор на активности, консултант, инструктор, советник итн.

Ј.Б.

 

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Change )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Change )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.