Teachers - Наставници

Видувања и размислувања на нашите наставници за актуелните состојби во нашето образование

Последниве 2-3 децении во воспитно-образовните кулоари сѐ поинтензивни се дискусиите дека нешто не е како што треба со нашето образование. Рака на срце состојбата не е многу подобра и во нашето непосредно опкружување, но сепак секој си го гледа и се грижи првенствено за сопствениот двор. Работите нема да тргнат на подобро сѐ додека за нашето образование односно за образовните политики не се грижат компетентни лица кои секојдневно го живеат и директно се инволвирани со и во образованието. Образованието нема да ни тргне сѐ додека образовните политики ги кројат и за нив се грижат, на пример, правници и земјоделски инженери.

Мое лично размислување е дека образованието нема да ни тргне на подобро сè додека го запоставуваме воспитанието. За добро образование неопходно е да имаме добра воспитна подлога која за жал денес е целосно маргинализирана или подобро кажано запоставена и тоа првенствено во семејството како клетка на едно општество, а потоа и во образовните институции.

Низ изминатите години во разговор со директно инволвираните претставници во воспитно-образовниот процес: наставниците, директорите, училиштното раководство имам слушнато многу нивни видувања и размислувања во однос на лошите состојби во нашето образование. Во текстот што следи ќе бидат изнесени некои од нивните видувања и размислувања.

  • „Наставник не може да биде секој, неопходно е на наставничките факултети да биде воведен приемен испит каде акцентот ќе биде ставен на тест за мерење на психичката состојба на кандидатите кои конкурираат да се запишат на овие факултети“.
  • „Платите во образованието не се на потребното ниво. Платата во образованието е под просечната плата во државата“.
  • „Наставниците треба самостојно да се изборат за своите права кои треба да се ползуваат од актуелните закони, правилници и договори. Овие документи го нудат тоа (секако, може и уште да се подобрат). Угледот и правата не се материјални нешта кои може некој да ги земе или да ги даде на наставниците, тие се стекнуваат и за нив наставниците треба да се борат“.
  • „Ставање во мирување на некои наставнички факултети, или драстично намалување на квотата за прием на оние факултети каде има хиперпродукција на наставен кадар“.
  • „Намалување на квотите за прием на ученици во средните училишта. Овие квоти не се сменети последниве 20 години. Оттука има една парадоксална ситуација да едно средно училиште согласно конкурс врши прием на 180 ученици во прва година, а завршени полуматуранти во целиот град да има 200. Се поставува прашањето што со останатите средни училишта во градот? Навистина една парадоксална ситуација“.
  • „Да се има ред при вработувањето. Првично наставниците да се вработуваат во руралните средини, а потоа со текот на времето да се префрлаат во градските училишта, онака како што било пред неколку децении“.
  • „Политиката да ги тргне настрана рацете од образованието. Изборот на директор на училиштето да го вршат самите вработени во него, а во тоа одреден удел да имаат и родителите преку Советот на родители. Локалната самоуправа (градоначалникот) и Министерството за образование и наука (министерот) да не учествуваат во овој процес. На ваков начин ќе се избере најкомпетентниот кандидат затоа што самите наставници од училиштето ќе го бираат директорот, а сигурно тие ќе сакаат да имаат директор кој ќе се грижи за нивните права и обврски и секако за добробитот на целото училиште“.
  • „Наставникот од неговите претпоставени да се цени согласно неговиот квалитет, работа и целокупен придонес во воспитно-образовната дејност, а не според неговата партиска припадност“.
  • „На родителите јасно да им се укаже на нивното место и улога во воспитно-образовниот процес, согласно законските одредби. Поточно кажано кон родителите да се нема сервилна и потчинета улога од страна на наставниците и целото училиште. Едноставно да им се укаже каде е нивното место и која е нивната улога и кои се нивните права и обврски во однос на воспитно-образовниот процес. Секако, ова не значи кон нив да се има игнорантски однос, туку еден партнерски однос, каде ќе се знае секому каде му е местото и која е улогата на секој од инволвираните чинители во воспитно-образовниот процес“.
  • „Покрај тоа што има семинари и обуки за наставниците, да се реализираат обуки и семинари и за родителите на учениците каде акцентот ќе се стави на воспитната компонента“.
  • „Проактивен однос и поголема иницијатива од страна на БРО во однос на нивната присутност и ангажман во училиштата за сметка на ДПИ“.
  • „Министерството за образование и наука да работи на создавање просторни услови во сите училишта. Наставата да се реализира во една смена, а не како што е денес во две смени. За жал тука треба да се истакне дека има училишта каде наставата се реализира и меѓусменски“.
  • „Под итно да профункционира кариерниот развој. Не може сите да земаат ист личен доход, а различно да се ангажираат во реализација на наставниот процес. Оние наставници кои ќе се истакнат со својот ангажман и работа во однос на другите наставници треба да бидат унапредени во звања и да имаат повисок личен доход од другите наставници“.
  • „Да се намлаи административниот дел на работа за наставниците. За сметка на тоа треба да се очекува зголемување на квалитетот на наставата. Секако тука не се мисли на планирањето на наставата (односно не изготвување на планирања)“.
  • „Редуцирање на проекти. Ова подразбира дека секој проект не треба да се прифати со ширум отворени раце, посебно не за сметка на редовниот наставен процес. Има проекти кои се дуплираат (суштински се исти, само имаат различно име)“.
  • „Има наставници на кои не им е местото во образованието бидејќи наставничката професија ја сфатиле како хоби, а нивна примарна дејност и извор на финансиски доход е нешто сосема друго“.

Искажаните видувања и размислувања се само еден многу мал дел од она што има да го кажат наставниците, претставниците од стручната служба и директорите во однос на состојбите во нашиот воспитно-образовен систем.

Ј.Б.

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Change )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Change )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.