School - Училиште

УЛОГАТА НА СОВЕТНИКОТ ПРИ ВРШЕЊЕ СТРУЧЕН УВИД И СОВЕТОДАВНА СТРУЧНА РАБОТА

Пред посетата на одреден наставник, советникот треба да си постави неколку прашања: која ќе биде целта на посетата, зошто оди кај тој наставник и што треба да постигне преку посетата. Одоворите на поставените прашања се основниот услов работата на советникот да придонесе за подобрување на квалитетот на наставниот процес и учењето манифестирано од страна на учениците.

Целите на стручниот увид и советодавната стручна работа се:

  • непосреден увид во начинот на планирањата на наставните единици од аспект на целите, содржините, планираните активности, методите и техниките за реализација;
  • непосреден увид на реализацијата на наставните единици од аспект на целите и содржините на предавањата, примената на иновациите, наставните методи и техники и користењето на наставните помагала и начинот на обезбедување на стимулативна средина;
  • непосреден увид на начинот на планирање на оценувањето од страна на наставниците и проверка на спроведувањето на оценувањето;
  • непосреден увид во примената на препораките дадени од посетите на реализацијата на наставните единици од страна на стручните соработници.

Посетата на наставникот од страна на советникот се планира со годишниот план за спроведување стручни увиди и според начинот на организацијата тој може да биде:

  • индивидуален (увид во работата на наставник по определен предмет) согласно Годишниот план за спроведување на стручните увиди, на барање на  ДПИ, училиштето и по проценка на советникот по соодветниот предмет или за одделенска настава;
  • групен (увид во работата на повеќе наставници во едно училиште) според годишниот план за спроведување  стручни увиди, по барање на  ДПИ, училиштето и по проценка на советникот од соодветниот предмет или за одделенска настава.

Стручниот увид може да се реализира и во текот на годината и надвор од годишниот план, по неодложно и итно барање доставено од МОН, ДПИ, училиштен одбор или пак друга институција.

За спроведениот стручен увид се изготвува извештај кој содржи наод од извршениот непосреден увид во кој треба да бидат опфатени  елементите од горенаведените аспекти што се предмет на стручниот увид.

Начин на спроведување на стручниот увид и советодавната стручна работа во училиштето

Самата посета на советникот создава одредена возбуда како кај наставникот така и кај учениците. Ваквата реакција од страна на наставникот и учениците е нормална и природна. За да ја намали вакавата состојба во паралелката/класот, советникот треба да има природен пристап со цел да создаде што е можно попријатна атмосфера со наставникот и учениците. Тој тоа најдобро ќе го стори преку едноставно поздравување и кажување на неколку пријатни и природни коментари преку кои ќе ја разбие непријатната емотивна состојба која е присутна со самото негово влегување во одделението. При изборот на место од каде ќе ја следи наставата, советникот внимава тоа да биде место од каде непречено ќе го следи наставниот процес и ќе биде што помалку забележителен, најчесто тоа е во задниот дел од училницата.

Планирање и подготовка за реализација на наставата

Појдовна основа за време на посетата од советникот е во планирањата на наставникот и неговата подготовка за реализација на часот. Тоа подразбира согледување на глобалните, тематските и дневните планирања за работа, нивната усогласеност со наставната програма, динамиката на реализирање и нивната флексибилност согласно условите и опкружувањето каде се реализира наставата. Во таа насока се посветува внимание на следново:

  • Дали планирањата се изготвени согласно постоечката наставна програма за соодветниот предмет?
  • Содржината на глобалото, тематските и дневните планирања.
  • Дали изготвените планирања се реални и остварливи согласно објективните услови за работа?
  • Дали при планирањето наставникот водел сметка за постапност при усвојување на целите и реализација на содржините?
  • При планирањето, што имал наставникот предвид (поими, процеси, законитости или пак помнење факти).
  • При планирањето, дали наставникот има планирано истражувачки активности?
  • Дали при изготвувањето на планирањата е испланирано следењето и оценувањето на учениците?
  • Дали во планирањата јасно се идентификувани целите кои треба да се постигнат?
  • Дали нивото на целите наставникот го планира согласно можностите на учениците (го подига за надарените ученици, односно го спушта за учениците со потешкотии во учењето)?
  • Дали при планирањето наставникот предвидел интеграција и корелација на содржините од предметот со други наставни предмети?
  • Дали направил соодветен (релевантен) избор на наставните содржини кои ги реализира?
  • Дали при планирањето го има предвид развојниот период на учениците и нивните можности и потреби?
  • Дали наставникот има изготвено ИОП (доколку има потреба од истиот во одделението)?
  • Дали и како е планирана примената на ИКТ и други иновативни процеси.
  • Дали и како е планирана дополнителната и додатната настава, слободните ученички активности и другите активности согласно програмските барања.

Подготовка и планирање на часот

Во однос на конкретниот час кој е предмет на посета од страна на советникот се анализира подготовката и планирањето за истиот. Во однос на оваа активност ќе бидат кажани одредени нешта во вид на барања и констатации. Во таа насока советникот посветува соодветно внимание на следново:

  • Дали часот има испланирана јасна структура со јасни цели и јасни исходи од учењето кои овозможуваат последователно напредување на ученикот?
  • Во однос на реализацијата на часот, дали наставникот испланирал соодветен пристап преку кој ќе го привлече вниманието на учениците користејќи адекватни методи и техники кои кореспондираат со планираните цели и очекуваните исходи.
  • За реализација на целите и исходите кои треба да произлезат од нивното реализирање, наставникот има избрано соодветни наставни помагала.
  • Дали наставникот посветил соодветно внимание при обезбедувањето и изготвувањето на наставните/нагледните помагала?
  • Јасно и последователно се испалнирани етапите кои ги содржи еден наставен час.
  • Дали се испланирани стимулативни активности преку кои вниманието на учениците ќе биде мобилно за време на целиот час.
  • Избраните активности треба да соодветствуваат согласно структурата на наставната содржина.
  • Дали наставниот час е испланиран согласно можностите на учениците и дали е планирана диференцирана настава и индивидуален пристап (согласно потребите)?
  • Планирањето е изготвено согласно времето потребно за реализација на еден наставен час.
  • Согласно спецификите на наставниот час, има интеграција на наставните содржини.
  • Дали дневното планирање на наставникот кореспондира со она што наставникот го реализира за време на наставниот час?
  • Планирани се забелешки од часот кои се изготвуваат по завршувањето на наставниот час, а на наставникот истите ќе му користат при планирање на истата содржина за друга учебна година.
  • Дали наставникот планира домашна задача и дали истата е стимулативна за да ученикот ја изготвува со задоволство.
  • Планирано е следење и оценување на учениците со соодветно испланирани иструменти.

Содржина на поучувањето и учењетоприоди и стратегии

Во овој дел се следи непосредната реализација на наставниот час (наставата) од страна на наставникот. Во таа насока советникот посветува соодветно внимание и оформува соодветно мислење во однос на следново:

  • Целите кои треба да се усвојат на часот се јасни за учениците и истите се јасно поставени.
  • Дали наставникот за остварување на целите и исходите кои треба да произлезат од реализацијата на целите користи соодветни активности преку адекватно избрани форми, методи, средства и техники за работа?
  • Дали при целокупното реализирање на наставата наставникот се труди учениците да стекнат трајни и применливи знаења кои ќе ги користат во секојдневниот живот надвор од училишните клупи или на наставникот му е битно учениците да ги меморираат знаењата и да знаат истите само да ги репродуцираат?
  • Дали активностите се разнообразни, соодветно избрани, избалансирани и правовремено применети?
  • Дали часот има јасна структура (вовед, главен и завршен дел)?
  • Дали наставникот врши поврзување со претходно учениот наставен материјал на таа тема?
  • Изворите на знаење кои наставникот ги користи за време на часот се разновидни, рационални, релевантни и проверени и одговараат на возраста на учениците.
  • Активностите за остварување на целите се добро испланирани согласно можностите и интересите на учениците.
  • Дали при реализација на активностите преку групна работа наставникот врши адекватана (балансирана) поделба на учениците во групи според: нивната полова припадност, успехот кој поединечно го постигнува секој ученик и ист број на ученици во секоја група?
  • Како наставникот ја остварува индивидуализацијата, односно, дали и со какви задачи наставникот ги поттикнува надарените ученици и дали и со какви задачи наставникот ги поттикнува учениците кои имаат потешкотии во учењето?
  • Дали наставникот успева да ги активира сите ученици од паралелката/класот или пак работи само со едни исти ученици?

Следење и оценување на постигањата на учениците

Советникот за време на посетата го проверува начинот на кој наставникот ги следи и оценува учениците и проверува дали во однос на оваа активност тој води збирка на докази, посебно за секој ученик. Во таа насока советникот посветува соодветно внимание на следново:

  • Дали наставникот планира, изготвува и користи инструменти за следење и оценување на знаењата од учениците?
  • При оценувањето на учениците, дали наставникот користи различни методи?
  • Дали наставникот води збирка со докази, посебно за секој ученик, во однос на пополнетите инструменти и трудовите на учениците (како докази).
  • Дали при оценувањето на учениците користи критериуми за таа намена (критериуми за оценување на учениците)?

Комуникација во училницата

За време на посетата советникот го утврдува интензитетот на интеракцијата и комуникацијата во училницата. Во таа насока тој посветува соодветно внимание на следново:

  • Каков е односот и пристапот на наставникот во однос на комуникацијата со учениците?
  • Дали комуникацијата на наставникот со учениците доведува до позитивна и благопријатна атмосфера во училницата?
  • Дали говорот (изразите) кој го користи наставникот одговара на возраста на учениците и е јасен и разбирлив за нив?
  • Дали наставниот материјал подготвен и презентиран од наставникот е јасен за учениците?
  • Дали подготвениот наставен материјал од страна на наставникот е таков да поттикне плодна комуникација во училницата?
  • Дали на учениците им е дозволено, односно дали тие имаат можност да поставуваат прашања и да изнесуваат свои идеи, размислувања, видувања и лични ставови?
  • Дали комуникацијата во училницата се одвива на релација: наставник-ученик, ученик-наставник, ученик-ученик или се одвива само во еден правец наставник-ученик (фронтален начин на работа)?
  • Дали наставникот претпоставува кои зборови ќе бидат помалку познати за учениците и дали истите им ги објаснува?

Стимулативна средина и користење на наставни помагала

При посетата советникот следи каква е средината каде се реализира наставниот процес и дали истата е соодветна за таа намена. Следи дали наставните помагала се адекватни за таа намена, а исто така следи дали трудовите и изработките на учениците се истакнати во училницата и дали истите имаат соодветна стимулативна намена. Во оваа насока советникот посветува соодветно внимание на следново:

  • Дали училницата е уредена така да соодветно и целосно е искористен нејзиниот потенцијал?
  • Дали распоредот на клупите овозможува учениците слободно се движат во неа?
  • Дали распоредот на клупите е во насока на реализација на планираните цели и исходите кои треба да произлезат од нив?
  • Дали на учениците им е овозможена добра визуелност кон предниот дел на училницата каде се наоѓа училишната табла и каде се реализираат главните активности во однос на наставата?
  • Дали наставните и нагледните средства во училницата подеднакво им се достапни на сите ученици?
  • Дали уреденоста на училницата стимулативно делува во однос на учењето, односно дали го поддржува истото?
  • Степенот на врева во училницата е прифатлив и е во насока на одржување на една позитивна работна атмосфера.
  • Дали материјалот потребен за реализација на секоја фаза од наставниот час навремено е подготвен и е на дофат на наставникот?
  • Дали наставниот материјал е креиран во насока на поттикнување на учењето кај учениците?
  • Дали на изработките од страна на учениците им се посветува соодветно внимание?
  • Дали изработките од учениците се истакнуваат на видни места во училницата?
  • Дали изработките од учениците активно се користат во наставниот процес?
  • Дали барањата од наставникот се реални и остварливи и дали тие стимулативно делуваат врз учениците?
  • На учениците им е обезбедено доволно време за изнаоѓање и креирање одговори на зададените барања.
  • Дали наставникот ги пофалува и охрабрува учениците во однос на изнесените одговори?
  • Дали напишаното на табла од стрна на наставникот е јасно и читливо за учениците и дали наставникот ги поттикнува учениците кои пишуваат на табла напишаното да биде јасно и читливо?

Организирање и раководење на наставниот час

Организирањето и раководењето на наставниот час подразбира адекватно користење на временската рамка предвидена за реализација на наставниот час, давање јасни упатства и насоки за работа и адекватно следење на реализацијата на целиот наставен процес од почеток до крај. Во оваа насока советникот посветува соодветно внимание на следново:

  • Наставникот навремено ја отпочнува реализацијата на наставниот час.
  • Предвиденото време за реализација на наставниот час е доволно за реализација на она што го планирал наставникот во дневното планирање.
  • Динамиката за спроведување на наставата е прифатлива за учениците.
  • Дали упатствата од наставникот се доволно јасни и разбирливи за учениците?
  • Дали наставникот адекватно ја врши распределбата и прибирањето на наставниот материјал?
  • Дали наставникот правилно се справува со непредвидливите ситуации како што се: незадоволително работење, несоодветно однесување од одреден ученик/ученици, доцнење на час, непланирано прекинување на наставата, расипување или нефункционирање на опремата итн.?
  • Дали наставникот успешно ја следи групната работа на учениците и дали го следи индивидуалниот придонес на ученикот за време на групната работа?
  • Дали наставникот успешно ја следи работата на секој ученик за време на часот?
  • Дали наставникот врши адекватно надоврзување доколку на часот реализира наставна содржина која е продолжение од претходните часови?
  • Дали пред реализација на нова тема наставникот утврдува какви предзнаења имаат учениците во однос на истата?
  • Дали домашната задача која ја задава претходно е планирана и е поврзана со она што се реализира на наставниот час?
  • Дали часот завршува во предвиденото време, односно дали целиот наставен час се реализира во предвидената временска рамка за реализација на еден наставен час, без брзање на крајот од часот во недостаток на време за финализирање на наставниот час?

Однесувањето на учениците во текот на наставниот час

Во овој дел советникот настојува да го следи поединечното и групното однесување на учениците за време на наставниот час и интересот кој го покажуваат во однос на истиот. Во оваа насока советникот посветува соодветно внимание на следново:

  • Дали најголемиот број од учениците го разбрале и усвоиле она што било предмет на реализација на наставниот час?
  • Дали за време на часот учениците покажале адекватен интерес и посветиле соодветно внимание на она што се реализирало на часот?
  • Дали поголемиот број од учениците биле активни на часот или пак поголемиот број од учениците се досадувале за време на истиот?
  • Дали учениците посветено ги следеле излагањата на наставникот и соучениците?

Разговор со наставникот – давање повратна информација

По набљудувањето на наставниот час следи разговор и давање повратна информација за часот на наставникот кој бил посетен. Разговорот треба да отпочне на тој начин што му се дава збор на наставникот кој бил посетен да изнесе сопствен коментар или коментари и видувања во однос на посетениот наставен час. Тоа треба да е во насока во однос на планираните цели и активности и дали истите се реализирани и во која мерка, како и тоа доколку наставникот повторно би ја реализирал истата наставна содржина што би сменил и зошто.

 Од страна на советникот се истакнуваат позитивните согледувања од увидот и евидентираните слабости и недостатоци. Во разговорот со наставникот советникот изнесува што видел и што слушнал и прашува зошто нештото е така направено, а во однос на истото наставникот изнесува аргументи, коментари и го образложува планираното и реализираното. За детектираните слабости советникот предлага насоки за подобрување на понатамошната работа на наставникот, изнесува сугестии за подобри и поуспешни  решенија.

Заклучок

Преку сè она што беше изнесено, непосредните реализатори на воспитно-образовниот процес, наставниците, ќе имаат можност да добијат појасна претстава за она што се очекува од нив за време на реализацијата на воспитно-образовниот процес. Со сигурност може да се каже дека одредени насоки кои беа изнесени ќе им помогнат на наставниците во креирањето и реализирањето на наставата и ќе им отворат поинакви видици во позитивна насока при планирање и реализирање на целокупниот воспитно-образовен процес. Изнесеното во голема мерка ќе им користи и на училиштниот раководен и стручен кадар во однос на креирањето и реализирањето на наставата во училиштето.

Литература

  1. МИНИСТЕРСТВО ЗА ОБРАЗОВАНИЕ И НАУКА БИРО ЗА РАЗВОЈ НА ОБРАЗОВАНИЕТО, „УПАТСТВО за вршење стручен увид и советодавна стручна работа и давање инструктивно-менторска помош на воспитно – образовниот кадар во воспитно-образовните установи“, Скопје, ноември 2013
  2. Зороски Никола, „Советникот во одделение“, Скопје, Просветно Дело – Година LII – бр.3, 1999
  3. Законот за Бирото за развој на образованието (,,Службен весник на Република Македонија“ 37/06, 142/08, 148/09, 69/13, 120/13 и 148/13)
  4. Завод за школство (Црна Гора), „Процјена успјешности рада наставника“, Подгорица, 2009
  5. Василевски Крсте – Подгорски, „Методологија и организација на наставата“, Скопје, Навас, 1997
  6. Ѓорѓиевска Голубина и Миноски Југослав „Следење и анализа на наставата“, Кочани, Матична библиотека „Искар“, 1997
  7. Поповски Киро, „Успешен наставник – самооценување и оценување“, Скопје, НИРО Просветен работник

Ј.Б.

Advertisements

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Change )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Change )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.