ОБРАЗОВАНИЕ

Дали како држава во однос на воспитно-образовната дејност потфрливме уште во почетокот на деведесеттите?!

Образовната стратегија на една земја треба да ја трасира визијата за нејзината иднина и да игра водечка улога во реализацијата на таа визија преку креирање на една сеопфатна и прифатлива мисија. Дали ние како држава потфрливме во оваа насока уште пред 30 години?!

Добар дел од европските земји кои на почетокот од деведесеттите години го напуштија социјалистичкото, односно комунистичкото уредување успеаja да креираат добри образовни демократски политики насочени кон пазарната економија и новите општествени услови доближувајќи се до Западна Европа.

Успешно креираните политики на овие европски земји кои порано припаѓале на Источниот блок се засноваа на дисциплина – базирана на советската ера и новосоздадените визии и слободна либерална западноевропска мисла кон која се стремеле овие посткомунистички, односно постсоцијалистички земји. Новите образовни стратегии на овие земји не биле насочени кон еден шаблон, напротив, тие се креирале кон создавање слободна мисла и критички осврт на нештата. За сметка на фактите, кои доминирале во претходниот систем, се преминало кон стекнување нови практично-применливи знаења.

Нашиот образовен систем по осамостојувањето на државата во голема мерка продолжи да се заснова на претходната прагматика од минатиот систем, но со примеси на новото време (либерализам и демократија) што доведе до неспојливост на два система кои и природно не може да се поврзат и на тој начин да функционираат. Во тој период отпочна да се занемарува и воспитната компонента, за да истата денес речиси воопшто и да ја нема. Во нашиот воспитно-образовен систем на големо се отвори вратата за влез на странски програми и проекти без претходно истите добро се анализираат, преведат и прилагодат на поднебјето каде треба да се имплементираат. Затоа, голем дел од истите не доживеаја самоодржливост и понатамошна примена. Ваквиот начин на имплементирање и функционирање на образовните стратегии и политики доведе до своевидна хаотичност, а исходот е како држава да се наоѓаме на самото дно во светските рангирања во делот на образованието. Како потврда на ова се и резултатите од последното тестирање на PISA.

Со осамостојувањето нашата земја требаше да креира образовни политики првенствено кон видовите знаења кои треба да ги стекнат учениците; детектирање на личните вештини на учениците како и јакнење на истите; правилно кариерно насочување на учениците согласно нивните вештини и знаења кои ги манифестираат; поттикнување на претприемништвото и иновативноста на учениците преку наставни и воннаставни активности; повеќе активности од практиката за сметка на теоријата; учебникот да биде само едно од многуте дидактички средства за учење, а не примарен извор на информации, што значи учениците уште од најмала возраст да се поттикнуваат кон самостојно истражување, анализирање и синтетизирање на сознанијата до кои ќе дојдат. Во однос на наставниот кадар требаше да се задржи, надогради и зајакне тогашниот кариерен развој на наставникот и адекватно да функционира во сите основни и средни училишта. Наместо тоа истиот се занемари за да пред 7-8 години повторно се афирмира во законските образовни рамки, но за жал истиот никако да профункционира. Овие нешта требаше да бидат клучни појдовни детерминанти на кои требаше да се креираат воспитно-образовните политики со самото осамостојување на нашата држава и тоа во наш македонски контекст.

Наставниците мора да се одважат самостојно да делуваат и да не потпаѓаат под ничии влијанија во однос на вреднувањето на знаењата на учениците на тој начин што адекватно ќе ги применуваат Критериумите за оценување на постигањата на учениците, без да подлегнат на разно-разни притисоци кои може да доаѓаат од страни кои директно и индиректно се поврзани со воспитно-образовната дејност. Ваквиот начин ќе допринесе кон враќање на местото кое тој го заслужува и јакнење на дигнитетот на наставникот во општеството кое низ изминатите 30 години беше во надолна линија за да денес наставничката професија се најде на најниските гранки во општеството.

Запишувањето на студенти на наставничките факултети требаше и сè уште треба да биде строго регулирано, преку посебни приемни испити каде посебен приоритет ќе се даде во однос на контролата на психичкиот и физичкиот капацитет на идниот студент кој претендира да стане наставник.

Високообразовните институции кои продуцираат наставен кадар наместо да бидат авангарда во однос на новитетите поврзани со наставата, тие останаа да тапкаат во место. Општ е впечатокот дека новите наставници кои завршуваат на некој од наставничките факултети не се доволно методски потковани па како пандан на тоа се заговара отворање на Академија за наставници за која е донесен и Закон за Академија за наставници. Оваа академија во суштина треба да биде институција преку која би требало да се надополнат оние методски аномалии кај веќе завршените наставници на наставничките факултети. Наместо ова, на наставничките факултети во најмала рака за време на студиите една четвртина од студиите треба да се поминат во пракса во училиште.

Доколку сакаме да го зајакнеме образованието и образовните политики во нашата земја истовремено треба да ги зајакнеме советодавните и контролните институции кои работат во сферата на воспитно-образовната дејност и тоа во секоја смисла на зборот.

Доколку навремено и адекватно ги поставевме темелите на образованието на нашата држава согласно нејзионото ново уредување уште пред 30 години, и соодветно ги согледавме и предвидовме новите светски констелации во раните деведесетти години на минатиот век, многу полесно ќе ни беше соодветно да одговориме на новите предизвици кои ги носи новото време каде дигиталниот свет сè повеќе и повеќе навлегува во воспитно-образовниот процес и претендира да го заземе водечкото место. Наставниот кадар во однос на наставните методи, форми и техники на работа треба да се адаптира на интересите на младите и на тој начин да го привлче нивното внимание со што полесно ќе може да ги поттикне и мотивира кон стекнување на нови знаења. Што се однесува до знаењата, учениците треба да стекнуваат практично-функционални знаења кои реално ќе можат да бидат применети во животот за време на нивното школување и секако по завршувањето на истото.

Ј,Билбилоски

11111111

 

One comment

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Change )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Change )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

%d bloggers like this: