ОБРАЗОВАНИЕ

Дидактички препораки за реализација на наставна програма

Корелација и интеграција

Планирањето на наставата треба да биде во корелација со наставниот план и наставната програма за соодветниот наставен предмет.

На патот насочен кон остварување на целите и резултатите од учењето, улогата на наставникот е многу значајна, бидејќи наставната програмата дава простор за слободен избор за поврзување на содржините, методите на настава и учење и активностите на учениците.   

Содржината на наставната програма е конципирана на тој начин што таа предвидува нејзина реализација во точно одреден број наставни денови и точно  одреден број наставни часови. Истата овозможува и корелација и рационално планирање на наставата со другите наставни предмети. Пример, наставата по македонски јазик може да се планира и да се реализира во корелација со наставните предмети: англиски јазик (или втор странски јазик), историја, географија, ликовно образование, музичко образование итн. Во интегрираното планирање со содржини од странскитe јазици што го изучуваат учениците (при усвојувањето поими од граматиките на двата јазика); со предметот историја (кога учениците се запознаваат со историскиот развој на јазикот); со предметот географија (кога учениците се запознаваат со македонските дијалекти); со ликовното образование (со ликовно претставување на ликови и настани од интерпретираните литературни текстови); со музичкото образование (преку содржините што се поврзани со римата и фигурите на јазикот).

Корелацијата и рационализацијата при планирањето на наставата во однос на наставната програма, може да се реализира како во самата тема/програмско подрачје така и помеѓу нејзините теми/програмски подрачја. Притоа, треба да се води сметка поврзувањето да биде помеѓу слични, односно сродни содржини на еден последователен начин, ненаметливо без да се почувствува премин од едно на друго подрачје, односно содржина. Корелацијата и рационализацијата може да се спроведе при усвојување на нови знаења и секако при повторување и вежби. На наставниците треба да им се остави слободата на креативност самите да направат поврзување, односно интеграција и корелација на содржините дадени во наставна програма согласно условите во кои работат, темпото на усвојување на наставниот материјал од страна на учениците како и нивното напредување. На овој начин, преку корелацијата и интеграцијата, се врши една силна кохезија на наставниот материјал од самиот наставен предмет преку едно логично и последователно поврзување на наставните содржини, во однос на она што е предмет на изучување, а со самото тоа и соодветна реализација на програмските цели и очекуваните исходи.

Основната улога на корелацијата помеѓу наставните содржини е да се обезбеди една целовитост на знаењата кои се предвидени да се реализираат со наставна програма. Наставната програма е замислена како целовит интегриран систем на вертикално и хоризонтално испреплетени содржини, поими и активности преку континуирано:

  • поврзување на воннаставните стекнати знаења на ученикот со она што се учи во училиште;
  • поврзување на едни со други содржини, поими и активности (во рамките на повеќе предмети или во рамките на самиот предмет);
  • поврзување на она што е од претходно учено со она што сега се учи.   

Вертикалната корелација најчесто е застапена кога се учи нов наставен материјал. Таа треба да се заснова на нешто што е од претходно познато (било тоа да е поврзано со претходни училишни или вонучилишни искуства).

Хоризонталната корелација подразбира воспоставување на врски помеѓу сродни или исти содржини и поими од различни подрачја. Ваквиот начин всушност претставува учење преку споредба, барање сличности и разлики, надоврзување, сортирање, надополнување итн. За успешна реализација на наставна програма како една логичка структура неопходна е и вертикалната и хоризонталната корелација.

При корелацијата и рационализацијата на наставните содржини треба да се внимава на претходно стекнатите знаења од страна на учениците, нивната возраста, нивниот развоен период, когнитивните можности, покажаниот интерес, како и темпото со кое го совладуваат новиот наставен материјал. Посебно внимание треба да се посвети на оние ученици кои поспоро напредуваат во учењето, а сè со цел истите да успеат да го достигнат бараниот минимум на функционална писменост согласно целите посочени за секој образовен период.

Како треба да учат учениците

Во однос на содржините дадени во наставната програма учениците треба да учат:

Смислено, преку: поврзување на она што се учи и она што се доживува во животот и она што се учи со она што е учено од порано (од ист или друг предмет).

Проблемски, преку: самостојно собирање и анализирање на факти и податоци, поставување релевантни прашања на самите себе и на другите и развивање план за решавање на одреден проблем.

Дивергентно, преку: осмислување и предлагање нови решенија и поврзување на нови содржини и целини.

Критички, преку: селектирање по важност на поединечни факти и податоци и осмислување соодветни аргументи.

Кооперативно, преку: непосредна соработка со наставникот и соучениците, дискусија и размена на мислења и уважување на размислувањата и аргументите на соучениците.

Во планирањето на наставата треба да се уважува различното тежинско ниво на програмските содржини во рамките на наставната програма што се извлекува од поставеноста на целите и исходите, а кои се основа на планирањето на наставниот процес. На сите содржини не може, и не треба, да им се посветува подеднакво внимание во наставата. Пристапот кон истите од страна на наставникот треба да биде на тој начин учениците да стекнат трајни знаења кои за нив ќе бидат применливи во понатамошното школување и по завршувањето на истото. Во планирањето, исто така, како појдовна основа треба да е и поставеноста на наставната содржина, потребниот временски рок за реализација на истата, како и нивото на постигања на поставените цели и исходи.

Следење и оценување на учениците

Следењето и оценувањето на учениците претставува дел од професионалната улога на наставникот. Од него се очекува континуирано да го следи и оценува: процесот на наставата и учењето, но и резултатите од учењето како и сопствената работа. Следењето на напредувањето и оценувањето на постигањата на учениците е дијагностичко, формативно и сумативно. Покрај вообичаените начини на следење и оценување по пат на усно и писмено проверување, постојат и многу други начини кои наставникот може и треба да ги применува за да ги оцени објективно не само резултатите, туку и процесот на учење. Во оваа смисла по пат на набљудување на учениците, наставникот може да ги следи следниве показатели: начинот на кој ученикот учестувава во активноста, како собира податоци, како аргументира и донесува заклучоци. Посебно релевантни показатели се квалитетот на поставените прашања, способноста да најде врски меѓу појавите, да наведува примери, да биде спремен да го промени своето мислење во контакт со аргументи, да разликува факти од тврдења, да прифаќа туѓо мислење, да предвидува последици и да дава креативни решенија.

При следењето и оценувањето на постигнувањата на учениците од голема важност е користењето на ученичкото портфолио. Тоа претставува наменски систематски процес на собирање и евалвирање производи на учениците, за да се документира напредокот во однос на постигнувањето на целите на учењето или да се покажат докази дека целите на  учењето биле постигнати. Портфолиото за учење и оценување претставува  значајна збирка на ученичките трудови која ни ја покажува работата на ученикот, неговиот напредок и постигнувањата во дадена област (области). Примената на портфолиото за следење и оценување на постигнувањата на учениците значително може да ја подобри комуникацијата меѓу ученикот, наставникот и родителот.

Во однос на следењето и оценувањето на учениците потребно е да се комбинираат различни начини на оценување. Единствено така наставникот може да ги согледа силните и слабите страни на ученикот. При секое оценување на постигањата потребно е на ученикот да му се даде повратна информација којашто ќе му помогне да ги разбере сопствените грешки, да ги подобри своите резултати, но и сопственото учење. Повратната информација секогаш треба да се даде навреме и таа треба да се однесува на активностите и резултатите од учењето поврзани со ученикот, а не на неговата личност. Ученикот треба континуирано на различни начини да се охрабрува да размилсува за квалитетот на својата работа и што треба да преземе за да го унапреди сопственото учење и да ги подобри своите постигања. Секако, резултатите од целокупното следење и оценување наставникот ќе ги земе како основа за планирање на следните чекори во развивање и подобрување на воспитно-образовната пракса.

Во секоја наставна програма се препорачува одреден годишен фонд на часови по теми/ програмски подрачја. Но, исто тка се дава напомена дека посочениот фонд за користење на наставните часови по теми/програмски подрачја е само предлог. Секој наставник, согласно условите во кои ја реализира наставната програма и можностите на учениците, самостојно согласно потребите може да го определи фондот на часови по теми/програмски подрачја, а тој секако треба да изнесува онолку колку е предвидено со наставната програма.

Наставни средства:

  • учебник избран на ниво на училиштето за соодветниот предмет, одобрен од страна на министерот;
  • Интернет, образовни софтвери;
  • веб-платформи за образование;
  • аудио-визуелни средства и други средства (во зависност од предметот);
  • ЦД (со содржини карактеристични за наставниот предмет);
  • аудио и видео записи;
  • енциклопедии, речници и сл.;
  • списанија;
  • традиционално потврдени списанија за деца (одобрени списанија);
  • други извори на учење од непосредната околина.

Уредил: Ј. Билбилоски

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Change )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Change )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

%d bloggers like this: